Распределбата на земјоделско земјиште се уште болна тема за земјоделците

219

Земјоделците од североисточниот и пелагонискиот регион учествуваат на повици и огласи за доделување на државно земјоделско земјиште и речиси половина од нив аплицираат за површини од пет до 15 хектари, но користат информации врз основа на лични контакти или „врски“ со вработените од подрачните единици на министерства, покажуваат резултатите од истражувањето на „Рурална коалиција“, спроведено во август и септември годинава, што беа презентирани денеска во Куманово.

– Истражувањето се однесува на постапката при доделување на државното земјоделско земјиште. Ја одбравме темата, бидејќи низ годините имавме реакции за доделување на земјоделското земјиште, а во меѓувреме имаше процес и постапка за ревизија и сакавме да увидиме дали се смениле некои факти и податоци во однос на изминатите години, изјави извршниот директор на „Руралната Коалиција“, Лилјана Јоноски.

Таа нагласи дека земјоделците се многу заинтересирани да аплицираат за поголеми површини и тоа пред се индивидуални земјоделци кои сакаат да го окрупнуваат земјиштето. Според Јоноски, загрижува податокот што дури 70 проценти од испитаниците, сметаат дека постои узурпација на земјоделското земјиште и нетранспарентност при постапката.

– Загрижувачки податок е што 89 проценти не знаат кој е член на комисијата за доделување на земјоделско земјиште, иако комисијата за секој оглас е различна, а ваквиот податок не го добивме ниту за постапката како се номинираат, кој одлучува, вели Јоноски.

Земјоделците немале информација кој, ако не тие, го добиле земјоделското земјиште, освен ако не се од иста средина.

Индивидуалниот земјоделец и член на „Руралната коалиција“, Саша Арсиќ информираше дека во Куманово, Липково и Старо Нагоричане има околу пет илјади хектари земјоделско земјиште и 360 активни договори за закуп.

– Не добивме одговор колку слободно државно земјоделско земјиште има на подрачјето на трите општини. Нашите залагања ќе бидат да се вклучат и локалните самоуправи во доделувањето на земјиштето, индивидуалните земјоделци, претставници од подрачна единица и граѓански организации, вели Арсиќ.

Доколку се вклучат членови од локални заедници ќе се најдат слободни површини и ќе нема злоупотреби, сметаат од „Руралната коалиција“. Од надлежните тие ќе побараат и намалување на документацијата за аплицирање и нејзино сведување на барање и понуда, бидејќи останатите документи ќе се добиваат по службена должност, како и воспоставување на инспекциски надзор, забрзување на постапка и транспарентно доделување.

– Истражувањето и анализата се дел од проектот „Државното земјоделско земјиште во рацете на моќните олигарси или кај вистинските земјоделци“, кој што се реализира во рамки на проектот „ГО и Медиуми против корупција – Коалиција за нулта толеранција”, поддржан од ЕУ, а го спроведуваат Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентар.