Распишан јавен оглас за формирање на Партиципативно тело за урбанизам

    29

    Град Скопје распиша јавен оглас за формирање на партиципативно тело за обезбедување на инклузивност, партиципативност и јавност во процесот на урбанистичкото планирање за подрачјето на град Скопје.

    Пријава за учество по овој јавен оглас можат да поднесат сите заинтересирани лица кои се претставници од урбаните и месните заедници, претставници на невладините организации од различните сегменти на урбаниот живот, здруженија на граѓани и граѓански активисти од подрачјето на градот што ги претставуваат различните групи на граѓани, како и граѓани што се стручни лица од областа на урбанистичкото планирање и другите стручни области суштествени за планирањето и одржливиот развој на градот.

    Освен пријава, кандидатите треба да достават и кратка автобиографија, изјава за давање согласност за заштита на лични податоци (образецот е во прилог на повикот), изјава за прифаќање на условите по овој повик (образецот е во прилог на повикот), како и релевантен писмен доказ за исполнување на условите за учество од точка 2 на огласот (копија).

    Пријавите по јавниот оглас со соодветната документација можат да се поднесат преку пошта на адреса: Град Скопје, булевар „Илинден“,  број 82, 1000 Скопје или во архивата на градот Скопје, во рок од 30 дена од денот на објавување на јавниот повик.

    Партиципативното тело заседава најмалку еднаш на два месеци и има консултативна улога во постапката за изработување и донесување на урбанистички планови, особено ја разгледува планската програма во фаза пред таа да му биде предложена на градоначалникот за одобрување, како и урбанистичкиот план во фаза на урбанистичко планско решение пред да биде дадено на стручна ревизија. Работата на партиципативното тело е јавна.

    Членовите на партиципативното тело, согласно Законот за урбанистичко планирање, не ги следува надоместок за вршењето на работа.

    Инаку, партиципативното тело ги претставува сите различни интереси и интересни групи во локалната заедница и ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија и во постапката за изработување и донесување на плановите ги разгледува планските програми и планските решенија на урбанистичките планови во нивната работна верзија. Партиципативното тело има право да расправа за сите работи од надлежност на единицата на локалната самоуправа и може да влијае на планските решенија и политиките на просторен развој, преку презентирање на своите мислења на советот на градот.

    Бројот на граѓански членови на партиципативното тело што се пријавиле на доброволна основа изнесува 9 (девет).