Распишан тендер за нов оператор на стационар за бездомните кучиња во Штип

50

Стационорот за кучињата скитници во Штип е затворен, бидејќи во него немаше елементарни услови за грижа, како и вода за пиење, до објектот, кој е во близина на Градските гробишта во Штип нема водоводна линија.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека за проблемот е информиран од страна на здруженијата за заштита на животните и веќе во тек е тендер за нов оператор, кој ќе ги згрижува бездомните животни.

Инаку поради каснување или напад од кучињата скитници годишно пристигнуваат од пет до осум тужби. Правникот во Општина Штип, Трајче Ристов вели дека  на годишно ниво Општина Штип не дава многу пари за вакви дела.

-До Основен суд Штип се поднесуваат во просек околу пет до седум предмети годишно по основ на надоместок на нематеријална штета. Оштетни побарување се движат најмалиот износ од 25.000 денари па до највисокиот износ од 60.000 денари и е обврска на судот да ја одмери овој вид на штета и во суштина се движиме од 200 до 300.000 денари на годишно ниво, вели  Ристов.

Висината на штета зависи од проценката, бидејќи во предвид се земаат сите околности. Здруженијата за заштита на животните постојано се на терен и самите ги згрижуваат животните, бараат од граѓаните да бидат хумани кон нив, односно да им дадат храна или да ги згрижат.