Распишан конкурс за новинарски текст на тема „Тебе граду мој“

136

По повод Денот на ослободувањето на Скопје, Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, во рамките на мултимедијалната манифестација „Денови на европско Скопје“ која ќе се одржи од 25 октомври до 1 ноември 2019 година, во соработка со Градот Скопје, распиша конкурс за новинарски текст на тема „Тебе граду мој“, со општа насока дека: авторските текстови треба да содржат проблемски, рефлексивни и визионерски аспекти за Градот и да ја афирмираат определбата за европско Скопје, без дневно политички конотации.

Пристигнатите творби ќе конкурираат за три, непарични награди. Првата награда е лаптоп, втората – андроид телефонски апарат и третата – андроид телефонски апарат или хард диск.

На конкурсот своите текстови можат да ги пријават новинари на медиумите кои се ангажирани во новинарството, било во работен однос, по договор на дело или новинари кои имаат хонорарен ангажман во електронските, во печатените, во радио-дифузните (ТВ-канали, радиостаници) и во интернет-медиумите (портали и блогови).

Текстовите треба да се испратат под полно име и презиме (без шифра или псевдоним) и со контактите на кандидатот (назив на медиумот за кој есеистот работи на новинарски задачи, телефон, мејл), придружени кон неговиот потпис. Сите овие податоци се испишуваат еден под друг, на крајната лева страна од самиот почеток на текстот. Секој автор може да учествува само со по еден текст.

Во рамките на темата „Тебе, граду мој“, испратениот текст треба да содржи и сопствен, специфичен наслов и од 400 до 500 зборови (не) сметајќи ги растојанијата, во фонт Times new roman -12 со македонска поддршка.

Текстовите на други теми, со дневно-политички потходи и оние кои го надминуваат споменатиот обем нема да бидат земени предвид.