Раперот DMX кој ги обележа деведесеттите, почина на 50-годишна возраст

636

Раперот DMX, кој со својот неизбрусен глас ја „тресеше“ американската музичка сцена во доцните деведесетти, почина денеска на 50-годишна возраст од срцев удар.

Еарл Симонс, вистинското име по кое раперот е помалку познат, доживеа масивен срцев удар на 2 април и беше хоспитализиран на интензивна нега во болница во Њујорк, а неговото семејство организираше молитвено бдение пред болницата.

„Ерл беше воин кој се бореше до самиот крај“. Тој го сакаше своето семејство со целото свое срце и ги цениме времињата што ги поминавме со него. Музиката на Ерл инспирираше безброј обожаватели низ целиот свет и неговото иконско наследство ќе живее засекогаш. Ја цениме целата љубов и поддршка во ова неверојатно тешко време“, гласеше изјавата од неговото семејство.

Симонс има издадено 7 студиски албуми, последните се „Undisputed“ во 2012 година и „Redemption of the Beast“ во 2015, но последниот не беше овластен од страна на раперот. Во 2019 година тој потпиша договор со компанијата „Def Jam“ и работеше на нов албум, а во 2020 учествуваше во рап-битка со раперот Снуп Дог во онлајн емисијата „Версус“.

Освен по музичките остварувања, тој беше познат и по ноторичниот живот, проблемите со дрогата не и беа непознати на јавноста, па раперот е познат и по тоа што често посетуваше рехабилитациони центри, а во 2019 дури и ги откажа настапите затоашто, како што изјави, „присебноста и семејството му се на прво место.“

Беше осудуван за поседување на дрога, има добиено повеќе прекршочни казни за возење, престојувал и во затвор и прекршувал условни казни. Раперката Миси Елиот оддавајќи му последна почит на својот Инстаграм-профил напиша: „иако водеше животни борби, допре многумина со својата музика“.