Рама: Судбина е да се здружат Македонија и Албанија во мака!

Членство во ЕУ до 2030 година е заедничка цел на Македонија и Албанија, истакнаа премиерот Димитар Ковачевски со неговиот албански колега Еди Рама, на средбата, која претходеше на втората конференција на владите на двете земји во Скопје. Двајцата премиери ја потенцираа важноста за натамошно унапредување на заемната соработка, која и сега е на високо ниво. Билатералните односи помеѓу двете земји никогаш не биле подобри од тоа што се денес и слободно можеме да кажеме како два соседа може и треба да соработуваат, истакна премиерот Ковачевски на втората меѓувладина седница. Албанскиот премиер Рама на заедничката владина седница посочи дека судбина било да се здружат двете земји во мака, додавајќи дека сите ние во регионот сме многу мали, но можеме многу да направиме едни со други. Тој очекува на 6 декември во Тирана, на Самитот на ЕУ со Западен Балкан, двете земји да направат исчекор повеќе, со цел Унијата да ги вклучи повеќе во организациските напори во пресрет на енергетската и економската криза

49

Македонија и Албанија имаат заедничка цел – членство во ЕУ до 2030 година, ова е главната порака од средбата, лице в лице, на премиерот Димитар Ковачевски со неговиот албански колега Еди Рама. Ова беше претходница на втората меѓувладината конференција на владите на двете земји, што се одржа денеска во Скопје, при што двајцата премиери ја потенцираа важноста за натамошно унапредување на заемната соработка, која и сега е на високо ниво.

Билатералните односи помеѓу двете земји никогаш не биле подобри од тоа што се денес и слободно можеме да кажеме како два соседа може и треба да соработуваат, истакна премиерот Ковачевски на втората македонско-албанска меѓувладина седница.

– Не толку одамна, целиот Балкан беше во заложништво на ретроградни политики. Потребна беше визија да се види регионот како целина, своите држави како дел од целината и да се дејствува во правец на заедничка европска иднина. Потребни беа прогресивни раководства кои можат да се издигнат над личните политички интереси и лидери кои гледаат напред и кон утре. Повеќе од јасно е дека заедно секогаш можеме повеќе затоа за неколку кратки години преку искрена политичка волја за напредок ние постигнавме и многу повеќе од тоа што можеше тогаш да се замисли. Билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Република Албанија никогаш не биле подобри од тоа што се денес. Слободно можеме да кажеме дека сме пример како два соседа може и треба да соработуваат, рече премиерот Ковачевски.

Тој се осврна и на соработката во услови на криза како во рамки на иницијативата Отворен Балкан и во рамки на Берлинскиот процес, на унапредувањето на билатералните односи и соработката во сферата на одбраната како рамноправни партнери од доверба на НАТО и на САД.

– Некои не веруваа, но ете ние заедно зачекоривме и во европските интеграции. На 19 јули, двајцата, во име на нашите држави и граѓаните ја имавме честа да ги чуеме зборовите „ги означувам преговорите за започнати“ кои ги изговори чешкиот министер за надворешни работи. Вашата поддршка и твојата поддршка на политичката маса во тие денови во Брисел е непроценлива и јас засекогаш ќе ја паметам и ценам. Како што се вели во маката се познаваат пријателите, а ти Еди и вие почитувани колеги од Албанија покажавте вистинско и искрено пријателство и недвосмислена поддршка и на европскиот пат, но и при нашето зачленување во НАТО, потенцира Ковачевски, нагласувајќи го значењето на реализацијата на проектите за инфраструктурно поврзување на двете земји.

Тој оцени дека отворањето на преговорите и започнувањето на скринингот е огромен успех за сите нас, процесот е започнат и сега со целосно заштитен идентитет и национални интереси, признаени и потврдени во Европа, напредуваме во реформите за да обезбедиме европски стандарди и принципи. Додаде дека ни претстои „да пристапиме и кон други потреби чекори во Парламентот“, со цел во динамичен процес да ги заокружиме пристапните преговори со ЕУ.

– Нема простор повеќе за оправдување, кои би го закочиле пристапот на евроинтеграции на нашата држава. Сега сè е во наши раце. Очекувам пратениците да покажат одговорност и во Парламентот со цел да продолжиме брзо да се движиме кон ЕУ. Како што заедно ги започнавме преговорите, Северна Македонија и Албанија ја имаат можноста заедно и да ги завршат преговорите, порача премиерот Ковачевски.

Албанскиот премиер Еди Рама во обраќањето на заедничката владина седница посочи дека во регионот нема друг пат на соочување со предизвиците и тешкотиите, освен соработката, каде сите ние во регионот сме многу мали, но можеме многу да направиме едни со други.

-Денес нашите две земји го отворија процесот на преговори и фактички направија голем исчекор напред. На 6 декември во Тирана ќе се одржи Самит на ЕУ со Западен Балкан и ние ќе бидеме таму заедно. Верувам дека таму ќе направиме исчекор повеќе, со цел Унијата да нѐ вклучи повеќе во сите напори, за да се организираме во пресрет на високите цени на електрична енергија и инфлацијата. Од друга страна да изградиме заеднички план што ќе ни даде можност да гледаме подалеку од оваа фаза што е многу тешка, тмурна и која мораме да ја надминеме, рече Рама.

Албанскиот премиер оцени дека не мора да очекуваме крај на војната за да проектираме иднина, а од овој аспект, додаде тој, Албанија и Македонија направија подотовки, обидувајќи се да се проектираат во иднината, од аспект на Западен Балкан, како наш регион и ЕУ како наша дестинација.

-Верувам дека Отворен Балкан ни даде нови можности да гледаме подалеку во однос на вчера за да разбереме како можеме да ја надминеме денешнината и истовремено да проектираме иднина што максимално ќе ги зголеми способностите на нашите змеји да се здобијат со поголем простор, отколку што е нашиот простор географски сега, нагласи Рама.

Албанскиот премиер потсети на резултатите направени во рамки на Отворен Балкан и рече дека ќе продолжат да го поддржуваат Берлинскиот процес, бидејќи, како што кажа, тие две се поврзани една со друга.

-Дојдено е времето да се проектираме повеќе со поголема силина и со поголеми амбиции и после воениот период и на време да го добиеме максимумот денес, со способноста да се создаде поцелосна синергија во европската заедница. Без дискусија дека поддршката добиена од ЕУ за нашите буџети од аспект на соочување со кризата на цената на енергијата е една добра вест, но од друга страна, доколку имаме предвид дека тие фондови се реалоцирање на ИПА тогаш треба да бидеме уште поамбициозни, оцени албанскиот премиер во обраќањето на заедничката владина седница во Скопје.

Во рамки на меѓувладината седница се одржа и церемонија на потпишување на договори и меморандуми од страна на министрите на двете влади со цел продлабочување на соработката помеѓу двете земји.

(И.С.)