Турскиот ракометар Кемал Китахја и неговиот син Кинар беа пронајдени мртви под урнатините во градот Кахраманмарас, една недела по разорните земјотреси. Но, бремената сопруга на починатиот турски ракометар се уште е под урнатините, јавуваат турските медиуми.

-Сакаме Господ да ги помилува Кемал Китахја и неговиот син Кинар Китахја. Нивните спомени секогаш ќе ги негуваме. Најдлабоко сочувство до нивните блиски и до целата ракометна јавност, соопштија од Ракометната федерација на Турција.

Кемал беше ракометар на Хатај Метрополитен и турски репрезентативец. Спасувачите долго време не можеле да стигнат до него, а за жал бил пронајден мртов.

Меѓу загинатите се и петмина одбојкари. Како што објави специјализираниот портал „volleybolmagazine“, од урнатините се извлечени телата на две одбојкарики и тројца одбојкари. Во земјотресот загинаа младите одбојкарки на Генчербирлигли, Емина Арслан и Гамзеа Наза Цуцу. Загинаа и одбојкарите на Кахраманмарас, Умиткан Доган, Азат Џумајев и Севги Цигангир.

Бројот на жртви што ги погодија Турција и Сирија надмина 36.000, а десетици илјади луѓе се лекуваат во болници.