Четирикратниот шампион во Формула 1, Германецот Себастијан Фетел, на крајот од сезоната најверојатно ќе ја заврши својата кариера. Шпекулации за негово повлекување од елитното автомобилистичко натпреварување постоеја, но овој пат истите се засилија по трката за Големата награда на Монако.

Како што пишуваат медиумите Фетел е незадоволен од неконкурентноста на болидот на Ферари, кој на патеката заостанува далеку зад Мерцедес.

Фетел освои четири титули со Ред Бул, по што мина во најмоќниот тим во Формула 1, но не успеа во ниту една од досегашните сезони да ја освои шампионската титула и е во постојана сенка на Луис Хамилтон од тимот на Мерцедес. Ако Фетел навистина се повлече, тогаш Серхио Перез, Кевин Магнусен, Роман Грожан или Валери Ботас се споменуваат за главни кандидати да го преземат неговото место.

Фетел сезонава по шест извозени трки веќе има 55 бода заостаток зад актуелниот шампион Хамилтон.

Инаку, италијанскиот тим чека на својата прва титула од 2007 година, кога за последен пат Кими Раиконен им донесе голема радост на „Тифозите“.