Разговор со Ѓорѓи Ризески, режисер: Работам театар бидејќи се соочувам со вистината дека светот е и убав и грд

337

“Театарот за мене е единствената уметност која ја носи вистината на постоењето. Се се случува сега и тука, додека трае, додека твориме и живееме за процесот. Еден ден, одеднаш ќе исчезне како и се што некогаш постоело во светот. Театарот е единствената уметност која не ја нуди лагата на вечноста и себичното постоење на делото и човекот”, вели Ѓорѓи Ризески, режисер на новата поставка на “Викенд на мртовци” која се игра во Театар Комедија

По речиси 30 години, публиката може да види нова поставка на “Викенд на мртовци“ на Миле Попоски, која неодамна ја поставивте во Театар Комедија. По два месеца од премиерата задоволни ли сте од реакциите на публиката?
Се радувам на секоја изведба. Ја следам публиката пред, за и по завршувањето на претставата и задоволен сум од нивните реакции. Публиката одлично ја прифати оваа нова верзија на “Викенд на мртовци“. Таа често ќе рече: “Текстот е ист, но ова е нешто сосема поразлично… ” Токму и кон тоа се стремевме… Да направиме наша оригинална верзија која ги има одликите на денешницава…

Истоимениот филм на Коле Ангеловски од 1988 и театарската претстава во Драмски имаат култно место и во театарот и во македонската кинематографија. Кога првпат ја гледавте “Викенд на мртовци“ и каков впечаток ви остави?
Пред две години кога братучед ми ми кажа: “Како е можно да не си го гледал филмот “Викенд на мртовци“!?” Оправдана реакција од негова страна и откога го изгледав, секако, се уверив во тоа. Тоа е одлично дело со многу силни одлики, тргнувајќи од текстот, па се до актерската екипа, како и периодот што го опфаќа… Се на се, одличен проект кој луѓето во нашата држава го имаат во нивните глави, го гледаат одново и одново, и репликите ги паметат низ годините…

Системот не функционира, сите институции се пред колапс… колку театарот е/или треба да биде критика на она што се случува во македонското општество…?
Проблемот кај нас, според мене, е што од луѓето кои се поставени на функции во сите државни институции не се бара резултат. Не се контролирани од никого, тие имаат одврзани раце, без никаков притисок и одговор и одлучуваат за се… Притоа, не се грижат за професијата, односно не се грижат за успехот од тоа што го работат, за прогресот, за напредокот на својата работа. Без љубов, одлучуваат за се, владеат… Додека се може…

Годинава го поставивте и текстот “Лична Ангелина“ на Загорка Поп-Антоска Андовска, независен проект без буџет. Претставата под наслов “Чиста хероина“ се играше во “Јавна соба“, но за жал не успеа да дојде до поголем аудиториум…
Јас сум театарски режисер, тоа е мојата професија. Имам четири години работно искуство и шестнаесет претстави зад мене. Работам бидејќи сакам да работам театар, режирам бидејќи треба, бидејќи професијата бара искуство и бидејќи тоа се очекува од мене. Работам и кога има услови и кога нема. Често условите ги измислуваме, ние кои сакаме да работиме. Често се судруваме со големи технички проблеми и се чудиме како да ги решиме. Се бориме, некогаш успеваме повеќе, некогаш помалку. Но тоа не е важно. Важен е процесот на работа, заедно со секоја изведба во која сме верувале, во тоа што го сакаме и го правиме. Некогаш институциите се повеќе отворени за соработка, некогаш не. Но тоа за мене не е доволна причина за да не се сработи уште една претстава во која се верува…

Како ќе ја оцените потребата или желбата на Вашата генерација за посета на уметнички содржини. Ми се чини дека поголем фокус помладите генерации ставаат на поразлични вредности од оние со кои уметноста се одликува…
Тоа многу зависи од нас – уметниците и луѓето кои треба да се грижат за уметноста. Ние кои ги создаваме уметностите за другите да ги впијат. Ние кои некогаш не доволно се грижиме за младата публика да го освести нашето дело и да го посети. Пример: јас не ја слушам Цеца, но секогаш знам кога има концерт во Охрид или Скопје. Уметноста често се запоставува во нашата држава. Не доволно се цени и не им се осветлува на луѓето. До секој може да се допре од различно уметничко поле, на различен начин… Тој секако има избор што, дали и кога нешто да посети, но колку често знае што можеби има, кога и како да го посети…

Вработен сте како режисер во Народниот театар во Охрид. Имаат ли младите уметници можности за да ги реализираат своите уметнички визии?
Не секогаш, во основа, не. Но можат, ако со главата го скршат ѕидот пред нив… Нека удрат посилно наредниот пат… Можеби ќе успеат…

Во план ли ви е нов проект и која порака би сакале да ја испратите?
Театарот за мене е единствената уметност која ја носи вистината на постоењето. Се се случува сега и тука, додека трае, додека твориме и живееме за процесот. Еден ден, одеднаш ќе исчезне како и се што некогаш постоело во светот. Театарот е единствената уметност која не ја нуди лагата на вечноста и себичното постоење на делото и човекот. Затоа работам театар… Бидејќи се соочувам со вистината дека светот кој го создаваме и во кој живееме е убав и грд додека твориме, додека чувствуваме… на сцената… За одеднаш да исчезне… заедно со сите чувства… нервози кои на крајот и не знам зошто воопшто сме ги имале… Сакам да работам театар и би сакал следно да го работам монологот “Душевадникот“ од Венко Андоновски со Теоман Маскут. (Н.И.Т.)