РАЗГОВОР СО КОСТА МЕШКОВСКИ: Дваесет примероци од првиот број на „Вечер“ заминале за Нов Зеланд и Австралија

„Вечееер, Вечееер“... ечеше низ Скопје на 11 ноември далечната 1963 година. Колпортерот на Новинско-издавачкото претпријатие „Нова Македонија“, Коста Мешковски, со својот грлест глас ги повикуваше скопјани да го купат новиот весник, кој никна од пепелта на катастрофалниот земјотрес и речиси 60 години е хроничар на сите настани во македонската историја. На Мешковски, сега веќе 93-годишен, сè уште му се свежи во меморијата моментите кога му кажале дека е задолжен прв да обзнани дека се родил нов весник. Ексклузивно за ВЕЧЕР, тој раскажува дека дваесет примероци од првиот број на ВЕЧЕР заминале за Нов Зеланд и Австралија, а ги однел братучед му Александар Сариевски, прославениот македонски пејач

242

„Вечееер, Вечееер“… ечеше низ Скопје на 11 ноември далечната 1963 година. Колпортерот на Новинско-издавачкото претпријатие „Нова Македонија“, Коста Мешковски, со својот грлест глас ги повикуваше скопјани да го купат новиот весник, кој никна од пепелта на катастрофалниот земјотрес и речиси 60 години е хроничар на сите настани во македонската историја.

На Мешковски, сега веќе 93-годишен, сè уште му се свежи во меморијата моментите кога му кажале дека е задолжен прв да обзнани дека се родил нов весник.

– Бев службеник во „Нова Македонија“, дистрибутер на странски и на домашни весници (под странски се подразбира од Југославија). Моето работно време почнуваше во 4 часот наутро. Штом ќе завршев, во 10 часот си одев, а може и порано. Еден ден дојде курирот на „Нова Македонија“, ме извика и ми рече дека ме барале во клубот на новинарите. Јас отидов и што ќе видам, собата полна. Таму беа браќата Димче и Јордан Бражански, извонредни новинари, потоа писателите Симон Дракул, Васил Куновски и Неџати Зекирија, како и главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“, Тошо Поповски. И двајцата потекнуваме од Галичник – почна да раскажува Мешковски.

– Коста – ми рече Тошо – знаеш ли зошто те викнавме? Нашата издавачка куќа реши да ги збогатиме нашите изданија со уште еден весник. Тоа ќе биде ВЕЧЕР и ќе излезе на 11 ноември. Нему му треба татко кој ќе го фати за рака и ќе го шета сè додека не заоди по улиците на Скопје. И така почна. Ме сликаа, а јас почнав да тренирам за да имам кондиција да одам во најоддалечените места во градот за да објавам дека се родило новороденче. На почеток беше само Скопје од крај до крај. Денеска еден крај, утре друг крај. Имав задача да поделам педесет весници, репрезентација, ги ставав во торбата и викав „Вечееер… Вечееер“ – видно возбуден како првиот ден кажува Мешковски.

За уличната продажба на весници Мешковски прв пат дознал кога од работа го пратиле во Трст да набави мантили шушкавци.

– Тоа беше 1962 година, и хит беа шушкавците. Тогаш носев списанија по училиштата кога ме повика Васил и ми рече: „Сега е зимно време, не се учи, ако сакаш, оди до Трст“. Ми плати и карта. Отидов во Трст, зедов 20 парчиња од шушкавците и се враќав кон железничката станица. Кога наеднаш, околу 10 часот, слушам едно дваесетмина улични продавачи како гласно извикуваа: „Кориере дела Сера… Кориере дела Сера“. Грмеше, ме исплашија. Така се заработува лебот. Тоа ми остави силен впечаток и му раскажав на Васил. Тој, пак, ги извести другите и така ме избраа на улица да го рекламирам весникот ВЕЧЕР – потенцира Мешковски. 

Вели дека дваесет примероци од првиот број на ВЕЧЕР заминале за Нов Зеланд и Австралија.

– Првиот број беше испечатен во сто примероци. Почнав од студентскиот дом овде, им ветив на студентите дека прво ним ќе им дадам весник, и така бидна. Потоа однесов весници во кафеаната „Македонска куќа“ и оттаму заминав накај тетовска трошарина, во куќата на Александар Сариевски. Тој ми е братучед. Сакав да му однесам еден весник, а тој ми побара дваесет. Ми рече ќе одел за Нов Зеланд и Австралија. Му ги дадов весниците, а тој ми ги пикна парите за весниците в џеб. Не сакав да ги земам парите, но тој ми рече дека ќе ми фалат. И така, кога се вратив на работа, му кажав на Тошо дека навистина не сакав да му ги земам. Останатите весници ги однесов во Топаана, околу Бит-пазар и Жена-парк – раскажува Мешковски.

Вели дека весникот ВЕЧЕР многу бил баран од населението отаде границата со Бугарија, за време на средбите познати под името „свиждање/свиждања“.

– Бугарите мав го правеа весникот ВЕЧЕР, затоа што немаа што да читаат. Му викам на еден, имате ли нешто да читате, а тој ми рече дека имале два весника: „Един е Работническо дело с’с два листа и това воено… потоа Отечествен фронт сшто така“. Во ВЕЧЕР има што да читаш. Се грабаа луѓето за ВЕЧЕР – вели Мешковски.

Тој го разнесувал весникот секаде каде што имало народ – на верски собири, како манастирите „Свети Јован Бигорски“ и „Света Богородица Пречиста“ во Кичево, Марков манастир, но и на Галичка свадба. Во дистрибуцијата на весникот на места надвор од Скопје многу му помогнал фоторепортерот Шемо од весникот на албански јазик „Флака е влазеримит“ кој, заедно со весникот „Бирлик“ што излегуваше на турски јазик, дотогаш беше дел од НИП „Нова Македонија“.

– Со неговата кола одев два-три пати, еднаш во Марков манастир, еднаш во Галичник, еднаш на границата Црна скала Делчево. Шемо се викаше, му го заборавив презимето. Со неговата кола носевме весници. Продававме стотина весници „Нова Македонија“ и 150 весници ВЕЧЕР. Од граница не враќавме ништо, Бугарите купуваа сè – потенцира Мешковски.

Тој ни раскажа една случка која била објавена во ВЕЧЕР во јули 1981 година и која ја пренеле сите весници во тогашната СФРЈ. Весникот ВЕЧЕР тогаш објавил дека некој рибар фатил ајкула од 15 килограми во реката Вардар кај Демир Капија.

– Тоа беше прво објавено во ВЕЧЕР, а потоа го пренесоа Радио-телевизија Скопје и сите весници во Југославија – „Вечерње новости“, „Борба“, „Политика“, „Експрес“, „Дневник“, „Вјесник“, „Арена“, „Слободна Далмација“, „Дело“, „Ослобоѓење“, „Победа“ и „Рилиндија“, сите до еден. Дури на телевизија го прашаа еден специјалист за риби на просторот на СФРЈ која риба каде може да се улови. Се викаше Миша Џониќ и го прашаа него дали е можно ова што се случило на Вардар. Тој на српски одговори дека е можно и образложи дека ајкулата, можеби, бркала некоја слатководна риба, навлегла длабоко во реката, потоа не можела да се врати назад и така ја фатиле. Ќерка ми го гледаше прилогот и само коментираше: „Ајде бе, не зборувај!“ , бидејќи ја знаеше правата вистина – кажува Мешковски.

А, вистината е дека Мешковски ја донел ајкулата мртва од Јадранското Море, каде што ја уловил заедно со свои пријатели.

– Ајкулата не беше фатена во Вардар, туку јас ја донесов од Јадранското Море. Со моите пријатели од Сплит фатив 15 парчиња ајкула со различна големина. Пет парчиња ставени во багажникот на автомобилот ги донесов во Скопје, четири однесов во „Идадија“ за дебармаалци да ги гледаат од љубопитност. Еден од нив си ја исече раката кога му подадов една од ајкулите, затоа што е остра – кажува Мешковски.

Вели дека цела Македонија го знае под прекарот Тетин. Целиот работен век работел како колпортер во НИП-от, сè до 1995 година, откога е во пензија.

– Осетно се гледаше како расте тиражот на весникот и Тошо ми рече: „Коста, твојата работа заврши, сега весникот ќе се продава по киосци“ – додава Мешковски.

Првиот број на ВЕЧЕР е отпечатен на 16 страници – половичен формат од стандардниот формат на „Нова Македонија“. Во првиот број на ВЕЧЕР се објавени вкупно 82 текста и 31 фотографија. Првиот новинарски состав беше составен од 35-мина вработени. Мешковски се присетува дека тоа бил многу сплотен тим од искусни новинари, кои со песна си ја извршувале работата. Според уредувачката политика, ВЕЧЕР беше фокусиран на граѓански теми, наместо на високата политика карактеристична за весникот „Нова Македонија“. Името на весникот доаѓа од тоа што, за разлика од „Нова Македонија“, која се појавуваше во трафиките наутро, ВЕЧЕР излегуваше навечер.

Светлана Блажевска – Фото: Петр Стојановски