Разговор со Игор Анѓелков: Треба да им биде предизвик на домашните филмаџии првите остварувања да ги прикажуваат на „КинеНова“

400

Двата слогани, ланскиот ‘Првиот никогаш не се заборава’ и годинешниот ‘Првоборци’ се алузија на фокусираноста на фестивалот на дебитантските остварувања, односно, на првите и вторите дела на новите филмаџии, кои секогаш го претставуваат она новото, свежото во филмскиот свет, оние кои со неизвалкан ум гледаат на светот и ни ги претставуваат приказните за кои очите треба да ни се ширум отворени“, вели во разговорот за весникот „Вечер“, програмскиот директор на Меѓународниот фестивал на дебитански филм „КинеНова“, Игор Анѓелков. Четвртото издание на „КинеНова“ оваа година ќе се одржи од 4 до 13 октомври, прикажувајќи филмови во пет програми кои ќе се проектираат во три термини во Кинотека

Втора година сте програмски директор и селектор на „КинеНова“. Задоволни ли сте од посетеноста на фестивалот минатата година, од организацијата. Најавивте дека годинава ќе има најдобрата филмска програма досега…  

„КинеНова“ годинава има навистина стегната програма, која содржи седум филмови во трка за наградите, најдобрите европски филмови како дел од наградата „Лукс“ на Европскиот парламент, филмови од одличната турска режисерка Јесим Устаоглу во рамките на програмата „Посветено на…“, потоа „Фокус кон современата унгарска кинематографија“, како и неколку специјални проекции. Фестивалот го отвораме со победникот пред неколку месеци на престижниот фестивал во Карлови Вари, бугарскиот филм „Таткото“ на авторскиот пар Грозева/Валчанов, првите лауреати на „КинеНова“ пред четири години. Сето ова ни дава за право да веруваме дека оваа понуда е најквалитетната досега, а ланското издание, и покрај исто така одличната програма и прекрасните дебитантски филмови, поради „икс“ причини, ќе го сметаме за исклучок од правилото.

Мото на годинешното издание е „Првоборци“. Реферирате на дебитанските филмови, на авторите со прв, втор филм…

Ланското мото „Првиот никогаш не се заборава“ наиде на одличен прием кај публиката, а за годинашново сè уште собираме впечатоци, иако првиот бран беше супер позитивен. Секако, и двата слогани се алузија на фокусираноста на фестивалот на дебитантските остварувања, односно, на првите и вторите дела на новите филмаџии, кои секогаш го претставуваат она новото, свежото во филмскиот свет, оние кои со неизвалкан ум гледаат на светот и ни ги претставуваат приказните за кои очите треба да ни се ширум отворени. И доколку „првоборците“ се искрени и квалитетни во пристапот, секако дека и по тие први остварувања ќе продолжат да снимаат филмови и да ги освојуваат срцата на гледачите низ светот. „КинеНова“ се обидува, и се надевам успева, од година во година да го направи токму тоа.

Претседател на жирито ќе биде документаристот Витали Мански…

Мански е еден од врвните руски документаристи, кој е еден од оформувачите на најценетиот фестивал за документарен филм во Русија, на кој се оценува работата на тамошните филмаџии. Тој зад себе има еден куп квалитетни остварувања, а со последните две навистина го привлече вниманието на светската јавност. Со „Под сонцето“ (2015) му покажа заби на севернокорејскиот лидер Ким Ил Јунг, кога на негова покана снимал документарец за едно тамошно семејство, но не секогаш ја гасел камерата во моментите кога требало. Во филмот „Сведоците на Путин“ (2018), кој лани беше прогласен за најдобар документарен филм во Карлови Вари, тој ни прикажува една сосема поинаква приказна за рускиот владетел. Токму овој филм ќе има и специјална проекција на годинашната „КинеНова“, како и прашања и одговори со авторот по проекцијата. На Мански ќе му помагаат Јесим Устаоглу, водечка турска филмска авторка и Ана Хофман од Германија, која е фриленсер со богата филмска и фестивалска биографија и е долгогодишен менаџер на програмата „Форум“ на „Берлиналето“.

Таткото“,победникот на Карлови Вари и филм на авторите – победници на првото издание на фестивалот ја отвора 4. „КинеНова“. Имате ли некој фаворит кој годинава „КинеНова“ ќе го пронајде и афирмира?

Со филмот на отворање сакавме да покажеме дека овој фестивал ќе гради континуитет со секое наредно издание. Грозева и Валчанов како победници на првата „КинеНова“ се враќаат во полн сјај со филм-победник во Карлови Вари, што значи дека „КинеНова“ насетила дека во нив се крие голем потенцијал, што подоцна и се докажа како точно. Бидејќи фестивалот е фокусиран на дебитантските остварувања, секогаш постои таа можност за откривање и понатамошно афирмирање на ново филмско име. Минатогодишниот победник Кантемир Балагов со „Блискост“ веќе има нов филм кој жари и пали на светските фестивали. Сигурен сум дека така ќе биде и со годинашните автори во официјална конкуренција, чии филмови се храбри, ангажирани, моќни! Тоа треба да биде предизвик и за домашните филмаџии, на кои треба да им биде предизвик нивните први и втори остварувања премиерно да ги прикажуваат на „КинеНова“, затоа што ќе бидат дел од сериозна конкуренција со нивните колеги од целиот свет.

Времето на одржување на фестивалот речиси се поклопува со „Синедејс” кој има слична концепција (награди за дебитански филмови). Дали сметате дека за македонската публика подобро е, двата фестивала во Скопје (па и „Браќа Манаки“) да бидат распоредени поразлично/во поширок временски распон, па и со различна концепција?

Констатацијата е поставена на погрешна основа и воопшто не е точна. „Синедејс“ е во третата недела од ноември, што значи, по месец и половина од „КинеНова“. „Браќа Манаки“ е во средината на септември, се одржува во Битола, и, да бидеме реални, освен професионалци (новинари, филмаџии…) ретко кој од Скопје и од другите градови се одлучува да оди на фестивалот и да ја проследи тамошната програма. Башка, концепциски немаме никакви допирни точки со битолскиот фестивал, додека со нововоспоставената програма за деби филмови на „Синедејс“ се допираме, но таа селекција е толку во заднина, што публиката не ја ни забележува, сите зборуваат за филмовите во гала програмата, како оние Педро Алмодовар, Вуди Ален и останатите крупни ѕверки. Така што „КинеНова“ си има свое место под сонцето на фестивалската карта кај нас поради фокусираноста и предаденоста да се откриваат нови имиња и на домашната публика да ѝ се понуди нешто ново, авангардно, за разлика од досегашните веќе видени фестивалски концепти.

Специјален гостин на фестивалот досега е актер/ка од екс југословенските простори…

Релациите со колегите од поранешните простори на некој начин го детерминираат изборот на специјален гостин/ка, но и нивната препознатливост кај нас, бидејќи голем дел од љубителите на седмата уметност е запознаена со нивните лик и дело. Мира Фурлан, Жарко Лаушевиќ и Аница Добра се истакнати актерски имиња на нивната генерација, исто како и годинашната гостинка-Тања Бошковиќ, која очекуваме да предизвика достојно внимание. (Н.И.Т.)