Разговор со грчкиот режисер Анестис Азас: Менталитетот ни е многу сличен и има многу да научиме едни од други 

210

Повод за разговорот е претставата „Чист град“ во режија на Анестиз Азас и Продромос Циникорис, која на 21 септември, во МКЦ (20 часот) ќе го затвори годинешното 44. издание на Млад отворен театар (МОТ). „Идејата за претставата ни се појави во 2014-15 година, во време на политички и општествени турбуленции во Грција, кога екстремната десничарско-неофашистичката партија „Златна зора“ и некои од мејнстрим политичарите, користеа антиимигрантски говор на омраза, оперирајќи во својата реторика со аргументот „да ја исчистиме земјата“, што значеше, да се ослободиме од негрците или од луѓето кои имаат различно мислење. Па така, јас и Продромос дојдовме до оваа идеја: да го поставиме на сцената прашањето, кој всушност ја чисти оваа земја?“, вели за весникот „Вечер“ режисерот Анестис Азас

Анестис Азас

Грчката претстава „Чист град“ во режија на Анестис Азас и Продромос Циникорис, на 21 септември, во МКЦ (20 часот) ќе го затвори годинешното 44. издание на Меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ). Тоа е приказна за петте чистачки кои станаа театрални хероини, а Азас и Циникорис го истражуваат расизмот на „чистотата“ и „наивноста“, опасноста од фашизмот, женската имиграција во Грција и идентитетот на ‘чистачката’. Како театар на реалноста, „Чист град“ ги наоѓа и редефинира стереотипите преку погледи и лични искуства на вистинските експерти што се однесува до чистотата: жените имигрантки, чистачки на Атина…

Што беше мотив за ова истражување/претстава?

„Чист град“ е во основа портрет на Грција од гледна точка на нејзините имигранти-работнички.

Идејата да се развие оваа претстава ни се појави во 2014-2015, среде грчката криза, во време на политички и општествени турбуленции во Грција, во време кога екстремната десничарско-неофашистичка партија „Златна зора“ и за жал, некои од мејнстрим политичарите исто така, користеа многу анти-имигрантски говор на омраза во јавноста, оперирајќи во својата реторика со аргументот „да ја исчистиме земјата“, што значеше со чистење, да се ослободиме од негрците или од луѓето кои имаат различно мислење. Па така, јас и Продромос, кои работиме на документарен театар како режисерски тим од 2011 година, дојдовме до оваа идеја: да се приближиме до зборот „чистење“ буквално, и да го поставиме на сцената прашањето, кој всушност ја чисти оваа земја?

Главно, тоа се странските работници кои ги работат овие работи.

Кој настапува во претставата, дали станува збор за професионални актери или…?

Протагонистите во претставата не се професионални актери, тие работат како чистачи/ки и сè уште се активни во оваа работа, кога не настапуваат со нас во „Чист град“. Се одлучивме за нив по долго истражување во имигрантските заедници во Атина, потоа кај персоналот кој чисти по театрите, но и преку наш личен круг на пријатели. Секогаш има долг период на истражување пред да се развијат ваков вид на изведби.

Приказните, кои тие ги раскажуваат на сцена, се лични вистински приказни.

Претставата имаше премиера во Атина, во театарот „Онасис Стеги“ во февруари 2016 година како копродукција со Минхен Камерспил и проектот „Евро-полис“ на Гете институт. Оттогаш бевме поканети на многу меѓународни фестивали и театри низ Европа, така што одеднаш за оваа претстава се појави интерес и преку грчките граници што ние не го очекувавме. Веројатно затоа што имиграцијата е проблем што ја зафаќа цела Европа и многу луѓе можат да се идентификуваат со судбините на протагонистите. Бевме свесни да не ги претставуваме имигрантите како жртви на сцена туку како овластени луѓе кои можат да се борат за себе и да го променат светот преку нивното движење.

Грција е во првите редови на миграцискиот бран што ја преплави Европа. Каква е перцепцијата на мнозинството во Грција за ова прашање? Дали мигрантите се сметаат за закана?

Иако Грција е земја со долга историја на извоз на мигранти од почетокот на 20 век до сега, таа никогаш не била многу добредојдено место за странските работници.

Има многу расизам во секојдневниот живот, во институциите, а понекогаш дури и во законите, ако одите во канцеларијата за имиграција во Атина, на Petrou Ralli Avenue, имате шанса да доживеете балканска верзија на Апартхејд. Ова е нешто за што зборуваме ние во перфорансот. Доста често емиграција сама по себе се поврзува со криминал во дел од печатот, како и во другите земји.

Од друга страна, пак, најпознатата грчка личност во светот во моментов, е играчот на НБА МВП, Јанис Антетокумпо, спортист, чии родители дошле од Нигерија во Грција како имигранти, а кој морал да работи незаконски како младо момче на улиците на Атина, пред да го најде својот пат во кошарката (еден вид грчка верзија на американскиот сон). Тој е неверојатно сакан во Грција, како поп-ѕвезда. Значи има многу амбивалентност во однос на ова прашање. Ако ја видите ситуацијата на островите, каде секојдневно пристигнуваат луѓе, ќе ги најдете и двете страни, луѓе кои ги мразат бегалците и луѓе кои се солидарни со бегалците.

Дали првпат доаѓате во Скопје и како ја започнавте соработката со Младинскиот културен центар?

Продромос Циникорис и Анестиз Азас

Ова е првпат како доаѓаме во Скопје и претпоставувам дека „Чист град“ е веројатно една од ретките грчки претстави што се претставува во С. Македонија од кога било, веројатно заради тензиите меѓу нашите држави во последните години.

Мислите ли дека соработката меѓу двете земји во областа на културата, која е мртва повеќе од 30 години, ќе се зголеми по потпишувањето на Договорот од Преспа?

Да се надеваме!

Потребна ни е оваа соработка и треба да работиме за тоа. Во принцип, потребна (ни) е поголема соработка со сите наши балкански соседи, нашиот менталитет е многу сличен и има многу да научиме едни од други.

Но, постојаниот недостаток на пари на културно поле го прави тоа тешка задача.

Наташа Илиевска-Таневски