„Бев доста исплашена, поповлечена на читачките проби, но имав поддршка, се опуштив и сите актери со кои работев беа прекрасни. Добивав и многу убави совети и индикации од нив и истовремено не се осеќав како да сум задушена, нели, дека моето е потиснато, туку дека моето е поддржано, потпомогнато и истовремено е мое и нивно. Тоа е и целта на нашата професија, заедно да работиме, заедно да создаваме и да си помагаме“, вели за весникот ВЕЧЕР младата актерка Јана Вељановска која во првата македонска трилер серија „Бистра вода“ глуми рамо до рамо со познатите македонски актерски имиња

Пред две години ја запознавме како актерка во краткиот студентски филм кој зборува за мултиплекс склероза, се појави во претставата „Народен непријател“ со Никола Ристановски, а сега глуми и во македонска серија… Иако е пред дипломирање таа со голема професионалност се зафати со глума во ТВ серијата во режија на Јани Бојаџи…

Дел си од плејадата млади актери кои ќе можеме да ги видиме во серијата Бистра вода“ која од септември ќе се прикажува на Алфа телевизија. Кажи ни нешто повеќе за твојата улога во серијата?

Мојата улога е една од поголемите, доста блиска и сродна со мене. Се разбира, не по работите кои се случуваат во серијата, туку според карактерот. Искрено, доста се поистоветувам со мојот лик. Инаку, повеќето работи во серијата се случуваат во семејство, но се работи и за тоа како надворешниот свет влијае врз нив и како протагонистите се снаоѓаат во тој свет во кој живеат. Јас го толкувам ликот на Мила. Таа е внука од сестра на главниот лик кој живеел во странство долго време. Тој се враќа во Македонија и почнуваат да се враќаат работите кои биле причината зошто избегал.

Со оглед дека во серијата играат веќе докажани македонски актери како Дејан Лилиќ, Васил Зафирчев, Александар Микиќ, Владо Јовановски… Како течеше соработката и дали имаше поддршка од нивна страна?

Да, можам да кажам дека имав огромна поддршка. Јас сум некој што е пред дипломирање и некако од една страна добро ми дојде веднаш после дипломската претстава да почнам да работам на вака голем проект, а од друга страна морам да признам дека тоа доста ме исплаши, а имав и малку трема како ќе се снајдам. Додека си студент имаш право да згрешиш, но вака си веќе пуштен во длабокото и мора да се снаоѓаш, да преживееш. Бев доста исплашена, поповлечена на читачките проби, но имав поддршка, се опуштив и сите актери со кои работев беа прекрасни. Добивав и многу убави совети и индикации од нив и истовремено не се осеќав како да сум задушена, нели дека моето е потиснато, туку дека моето е поддржано, потпомогнато и истовремено е мое и нивно. Тоа е и целта на нашата професија, заедно да работиме, заедно да создаваме и да си помагаме.

Во серијата игра и вашиот татко Роберт Вељановски. Колку тој ви помага со совети во актерството и кој совет ви беше особено важен?

Искено, драго ми е што немаме заеднички сцени и тоа ми помага. Еднаш се обидов да соработувам со него, тоа беше кога се спремав за мојот прв приемен, но бидејќи сме ист карактер едноставно не можам да работам со него. Сум добивала совети, но тоа било после испит, претстава… некаков фитбек. Мислам дека тој е добар критичар на она што го работам, колку тоа мене да ми пречи. Ме познава доволно за да знае колку можам, што можам и како можам и кога нешто нема да биде според тој некој негов критериум, колку и да ми смета, верувам дека е во право. Во серијата ми беше само добар партнер да ми го чита текстот за да го научам побрзо за снимање.

Неодамна на Бич фестивал во Охрид, беше прикажан краткиот филм Перики“ во кој исто така глумиш. Колку овој филм ти значи како актерка?

Ова е втор краток филм, студентски филм кој го снимивме во август 2020, но поради короната и рестрикциите немавме премиера. Тој премиерно беше прикажан на „Синедејс“. И искрено, беше прекрасно искуство бидејќи целата екипа се сплотивме. Се знаев само со Гоце Андонов кој го глуми другиот лик Адам во филмот. Не се познавав со никој друг, но ме викнаа и ми го раскажаа филмот, ми кажаа за што се работи. Беше тема за која сметам дека е важно да се зборува и дека не треба да биде табу. Живееме во општество каде сексуалноста е стигматизирана, не се зборува за тоа. Треба да се зборува со младите луѓе и тој притисок што тие го чуствуваат, за да бидат “нормални“, а всушност е нешто за што не треба да имаме предрасуди, независно дали е некој геј, трансексуален…  Тие луѓе се често збунети. Инаку, Ангела Димевска е режисерката, а Ивана Мирчевска продуцент. Ова е дипломски филм на Ангела по режија.

Глумиш и во театарската претстава Народен непријател“, покрај Никола Ристановски. Какво беше искуството во оваа претстава која е и единствена професионална во која си глумела?

Претставата е дел од поголем европски проект во кој јас за жал влегов многу подоцна. Беше започнат пред пандемијата. Таму имам доста интересна улога, една од ќерките. Ова е една од најпоознатите  драми од почетокот на реализмот, и е безвременска драма која може да е стави во било кое општество. Таа корупција која постоела тогаш постои денес и ќе постои секогаш. Истата приказна беше и со претставата. Доаѓаш во театар каде што сите се веќе етаблирани и познати. Се чувствуваш како дете. Но, таму беше и Мартин Ѓоргоски од мојата класа и тоа ми ми беше утеха и поддршка. Инаку, соработката со Ристановски, Ангеловска, Веселинов, Перо Арсовски… Тоа се луѓе со премногу искуство и знаење и интересно е да ги гледаш и да учиш од нив. Беше исто така убаво искуство.

Со оглед дека играше веќе во краток филм, на театарска сцена, сега во серија, што ти е најголем предизвик?

Тука моето внимание е поделено, на два дела – камера или театар. Искрено, кога се запишав на факултет повеќе сакав филм, иако го обожавам и театарот. Иако во овие четири години научив доста, го засакав театарот повеќе отколку што мислев. Претходно ми беше во главата дека кога се работи за филм, можеш да го преснимиш кадарот, сè додека не мислиш дека е направено онака како што сакаш да биде. А театарот, пак, дека е менлив и дека секоја изведба е различна. Тоа не ми се допаѓаше. Но, научив да го сакам и да се заљубам во тоа да сакам никогаш да не биде исто како претходното. Затоа што таа претходна изведба е веќе помината, заборавена. Одиме на подобра од претходната и поинаква и тоа е нешто убаво според мене. Тоа што не го сакав ми стана омилено. А филмот е засекогаш, истовремено е толку убав колку и неубав. Но, мојот одговор е – ги сакам и двете. „Народен непријател“ беше единствена професионална претстава, иако и дипломската претстава беше преубаво искуство и добивме пофалба. Со оваа претстава „Семејство“, драма од Роналд Харвуд бевме на фестивалот „Војдан Чернодрински“ како дел од придружната програма. Претставата е во режија на Зоја Бузалковска, наша професорка четири години, и како класа заедно постигнавме убав резултат. Ова е претстава за раздвојување, но сепак да останеме семејство. Сега за сега немам планови за некој проект, сконцентритрана сум на серијата. И се надевам дека во најава има одмор. (ха,ха). Колку и да се прекрасни овие работи сакам да отидам на одмор. Не сум застаната од октомври и тоа истрошува. Се надевам дека серијата ќе биде добро примена од публиката.

Неодамна младите невработени актери и режисери излегоа со иницијатива „Аудиција сега“. Како гледаш на ова и сметаш ли дека во државата треба да им се даде шанса на сите да работат?

Мислам дека не се дава доволно простор на актерите. Не можев да се потпишам на иницијативата бидејќи ми треба уште еден испит за да дипломирам, но не само што има многу невработени актери, туку има и постари вработени кои не работат доволно. Поразувачки е да има многу млади луѓе кои сакаат да работат, кои се борат и се подготвени да направат сè за професијата, а немаат работа. Сите што се запишале на глума длабоко сакаат да го работат тоа и сметам дека на секого треба да му се даде шанса и сите треба да работат, колку и да изгледа тоа невозможно во моментов. Затоа се надевам дека иницијативата ќе продолжи и дека ќе има и други такви иницијативи кои ќе направат некаква промена во иднина. (Д.Т.)