[Разговор] Небојша Јовановиќ, директор на „Киненова“: Филмот треба да го има приматот, пред популистичките содржини

162

„Иако во услови на голема светска криза, фестивалот оваа година ја имаше најкомплексната, најамбициозната и најобемната програма од своето постоење. За сето ова да се реализира во полна смисла и тоа во ТВ формат, требаше да се преземат голем број одговорности за што јас со малиот тим на ‘Киненова’ посветено работевме повеќе од 6 месеци. Видовме дека имаме публика од сите генерации подеднакво, што посебно нè радува. Ни пишуваа и луѓе кои никогаш до сега не дошле на фестивалот во живо и луѓе кои се редовни и верни посетители, и млади на 15 години и возрасни жени пензионерки, коментирајќи ги филмовите во сета нивна тематска длабочина. Целта е потполно остварена со овогодинешното издание“, вели за весникот „ВЕЧЕР“ Небојша Јовановиќ, директор на филмскиот фестивал „Киненова“

Иако релативно млад филмски фестивал, 5. „Киненова“ успеа и покрај ковид кризата да реализира речиси целосен фестивал, со селекција, додела на награди, главна награда… Што е поразлична „Киненова“ во однос на другите фестивали во Македонија?

Точно е. Ние оваа година ја реализиравме целосната програма која ја планиравме пред да добиеме потврди за финансирањето. Во таа смисла иако во услови на голема светска криза, фестивалот оваа година ја имаше најкомплексната, најамбициозната и најобемната програма од своето постоење. Тука морам да потенцирам дека за сето ова да се реализира во полна смисла и тоа во ТВ формат, требаше да се преземат голем број на одговорности за што јас со малиот тим на „Киненова“ посветено работевме повеќе од 6 месеци. Воопшто не беше лесно, на моменти беше и понапорно отколку да реализирате фестивалски формат во живо, но мотивацијата беше огромна знаејќи дека со ТВ форматот оваа година ќе можеме да допреме до секој дом во Македонија. Инаку, фестивалот концептуално се издвојува од останатите по тоа што главниот фокус се става на новите филмските создавачи. Значи ги одбираме најдобрите први или втори филмови на режисери од цел свет. Тоа е духот на „Киненова“, да ги пронајде оние нови филмски автори кои се издвојуваат по својата свежина и некомпромитираност при креирањето. Кога ќе ги погледнете кариерите на многу значајни и докажани филмски автори ќе забележите дека на почетоците од нивните кариери се оние најискрените и најчесто, најдобрите нивни дела.

За поздравување е идејата што како организатори се решивте годинава фестивалот (или дел од програмата) да се прикажува на ТВ. Посочивте дека има позитивни реакции. Дали тоа се однесува на македонските филмови или пак, за целата програма која се емитуваше на ТВ?

Позитивните реакции се секако и за македонските филмови каде оваа година акцент беше ставен на творештвото на нашата документаристка Билјана Гарванлиева, како и на филмовите од сите програми. И конечно, реакциите се до тој степен позитивни, што морам да кажам дека за мене тоа е неочекувано. Видовме дека имаме публика од сите генерации подеднакво, што посебно нè радува. Ни пишуваа и луѓе кои никогаш до сега не дошле на фестивалот во живо и луѓе кои се редовни и верни посетители, и млади на 15 години и возрасни жени пензионерки, коментирајќи ги филмовите во сета нивна тематска длабочина. Од ова поголемо задоволство за мене нема. За нас целта е потполно остварена со овогодинешното издание.

Поголема достапност и популаризација на филмската уметност наспрема презаситеноста и натрупаноста со комерцијални содржини… Ќе може ли некогаш ТВ просторот да ги намали комерцијалните содржини на сметка на квалитетната филмска уметност?

Точно, ова и ни беше целта, а тоа е сублимирано во нашиот овогодинешен слоган „Прво филм“. Филмската уметност да го има заслуженото внимание, секако пред останатите комерцијални или популистички содржини, серии, неквалитетни музички шоуа и слично. Ние понудивме публиката да се информира изворно, за животни приказни од разни делови на светот и гледам дека таа го прифати тоа. Значи сè е можно, затоа што пошироката јавност и публика се привикнува на она кое медиумите или фестивалите како нашиот ќе им го понудат. Ние ја имаме таа одговорност, а конечно и државата. Петтото издание на „Киненова“ во таа смисла беше позитивен експеримент кој даде резултати во промена на перцепцијата на улогата на медиумите во едно општество. Но, секако за конечна, целосна и темелна промена во однос на тоа, потребно е вклучување на институциите на државата.

И претседателот на жирито, полскиот режисер Кшиштоф Зануси нагласил дека изборот на филмовите бил интересен и богат, и дека се дискутирало буквално за сите наслови. Како ќе ја коментирате селекцијата на главната програма?

Со оглед на високите критериуми за фестивалската програма кои се поставени уште претходно на „Киненова“, имавме предизвик да најдеме квалитетни филмови кои ќе ни бидат достапни за телевизиско емитување. Сепак, конечно имавме тематски шаренолики филмови од разни кинематографии. Она што најмногу ме исполнува е тоа што филмовите се со целосно оригинален авторски пристап, наговестувајќи идни автори со препознаен и издвоен личен печат. Филмовите во главната програма се интересни и тематски, обработувајќи важни теми за општествата од каде доаѓаат или некои од нив обработувајќи целосно универзални теми.

До крајот на месецот, „Киненова“ останува со публиката пред ТВ екраните. Но најавено е дека фестивалот ќе продолжи и во ноември, заради, како што посочувате, популарноста која ја стекна годинава, и покрај кризата… Има ли интерес од гледачите?

Како што напоменав и претходно, знаевме дека оваа година „Киненова“ ќе го заслужи потребното внимание и ќе добие повисок степен на популарност, но не очекувавме дека тоа ќе биде во толкав голем обем. Ова е добро и за целата филмска уметност и култура во нашата земја. А за интересот кај гледачите, кажува и тоа дека одлучивме да направиме прилично продолжена варијанта на фестивалот и да ѝ подариме на публиката во тек на цел месец ноември репризи на филмови кои тие ги издвоија.

(Н.И.Т.)