„Ние сме една голема, односно најголемата и најкомплексната национална установа во која не е баш така едноставно да се организира настан. Во ова ‘ново нормално’ ништо не може да се планира долгорочно. Програмата засега ја прилагодуваме на моменталните услови… Доколку условите дозволат, ќе изненадиме со неколку премиери“, вели во разговор за весникот „ВЕЧЕР“ новиот уметнички раководител на Операта при НОБ

Деновиве ја добивте позицијата уметнички раководител на Операта при Националната опера и балет. Ви честитам. Кој беше поттикот да се кандидирате за оваа позиција?

Пред сè Ви благодарам за честитката и на самиот почеток би сакал да ги поздравам сите Ваши читатели и да им ги честитам Новогодишните празници. Со самото тоа што сум повеќе од 20 години во оваа куќа, само по себе доаѓа прашањето како и со што можам да придонесам за подобро утре како за мене, така и за моите колеги во институцијата во која претпоставувам дека ќе го поминам и остатокот од работниот век. На оваа моја функција ѝ претходеше две годишно искуство на местото координатор на оркесторот. Сепак, убаво е човек да проба да придонесе со некое „камче“ во мозаикот наречен Опера.

Кои се главните поенти на вашата програма која ја презентиравте за Операта, а врз која сте избрани за нејзин уметнички раководител за наредниот период?

Во ова „ново нормално“ ништо не може да се планира долгорочно. Програмата засега ја прилагодуваме на моменталните услови и сите долгорочни планови се залудни. Ова се вонредни услови, дел од вработените се исплашени за своето здравје, сите станавме свесни дека вирусот многу лесно може да остави трајни последици на организмот, посебно на респираторните органи, а тоа за еден балетски играч, пејач или музичар на дувачки инструмент е погубно. Мораме да бараме дела кои можат да се изведуваат со помал број на музичари, помал хор или воопшто да нема хор, солистите да бидат во добра музичка форма… а сето тоа премногу нè ограничува во изборот на програмата. Доколку условите дозволат, ќе изненадиме со неколку премиери.

Кои ќе бидат вашите приоритети за Операта во 2021 година?

Наша главна задача или поента за во блиска иднина ми е да го одржиме здравјето на нашите вработени, односно да не дозволиме преку одржување на големи настани да создадеме нови кластери. Минатата 2020-та, а и оваа година нè научија дека здравјето е пред сè. Залудни се сите напори и труд за креирање на нешто големо, бидејќи реално не знаеме утре што нè чека, а не пак по три, шест или 12 месеци… Ние сме една голема, односно најголемата и најкомплексната национална установа во која не е баш така едноставно да се организира настан. Пред сè многу е битно дирекцијата да го задржи еланот за работа кај вработените, да се одржи позитивниот дух и да се работи на проекти кои нема да го нарушат односно да придонесат во нарушување на здравјето на вработените. Сепак сите овие мерки од пандемијата ни задаваат големи проблеми во организацијата и реализацијата на речиси сите планирани настани во следниот период. Ама ќе издржиме… за доброто на сите нас.

Како ќе се соочите со предизвиците кои ги донесе ковид кризата која продолжува и во 2021 година, а која најмногу ги погоди изведувачките, сценските уметности, оние кои се изведуваат во живо и кои бараат присуство на публика?

Како што веќе Ви образложив во претходните прашања, јас чувствувам должност пред сè да го задржиме менталното здравје на високо ниво кај нашите колеги. Под ментално здравје подразбирам ведар дух, елан за работа и подготовка на проекти кои искрено и реално никој од нас не може да прогнозира кога би можеле да бидат изведени. Сето тоа создава дополнителен притисок кај сите нас. Од една страна имате вработени кои не би сакале да се впуштаат во ризик за подготовка на проекти (поради спецификата на струката споена со лошата ситуација со вирусот во државава), а од друга страна на истите тие очајно им се работи, сакаат продукција, сакаат концерти, претстави… Се наоѓаме на раскрсница на која навистина не знаете кој е вистинскиот пат. Музичарите општо се луѓе кои не се научени да не прават ништо.

Што мислите, кога публиката ќе почне да се враќа во институциите за да проследи оперска, балетска или театарска претстава?

Публика ние и сега имаме… редуцирана, со сите превентивни мерки. Ние реално немаме застанато со работа. Не можеме да дадеме класична оперска или балетска претстава… ама концерти организираме. Еве последни се двата (распродадени) концерти по повод Василица под диригентска палка на мојата драга преходничка Бисера Чадловска. Меѓутоа и ова прашање случајно го одговорив со претходното… односно би се вратила публиката комплетно кога и ние би можеле слободно да работиме (без дистанца, маски и со физички контакт). Колку што ги следам вестите околу пандемијата првите поголеми собири на публика ги очекувам на пролет, да не речам на лето… и тоа на отворено. Ова е само моја прогноза…

Ве молам, накратко претставете се за читателите на весникот „ВЕЧЕР“.

Семеен човек, вљубеник во фотографија, тубист. Додипломските студии ги завршив овде во Скопје, а потоа во периодот од 2003-2006 магистрирав на Кралскиот Конзерваториум во Брисел и успеав да стекнам дополнителни професионални искуства во Оркестрите низ Белгија. По враќањето во Македонија во 2006 година се вработувам во орекстарот на МОБ и константно гостувам по оркестрите во околните држави. Хоби ми се дронови и летање со истите.

Колку вашето ценето искуство ќе придонесе да се воведат нови и свежи идеи кои ќе придонесат за посета на Операта во овие времиња?

Не секогаш идеите и плановите на еден уметнички раководител зависат само од неговите идеи и планови. Некогаш се вмешани и финансиите, некогаш други околности… Меѓутоа се надевам дека ќе исполнам барем поголем дел од тоа што сум го замислил, а Вие, аудиториумот и колегите ќе процените дали е тоа успешна приказна.

Наташа Илиевска-Таневски