„Мојата идеја е вечерта да биде невообичаена и на некој начин би рекол и ‘поинтимна’ со публиката. Помеѓу некои од музичките точки ќе има и разговор помеѓу мене и водителот Огнен Јанески, ќе откриеме анегдоти и перипетии од овие 20 години на авантури по целиот свет. Целата програма ќе ја збогатат и моите гости, сопранот Наде Талевска и баритонот Васко Здравков“, вели за весникот ВЕЧЕР нашиот светски познат тенор Благој Нацоски, кој на 4 февруари ќе одржи концерт во македонската Национална опера и балет

 

Даниела ТРАЈКОВСКА

Македонската публика ќе има можност в сабота да ужива во вашиот настап во Македонската опера и балет по повод 20 години меѓународна кариера. Го најавивте како невообичаен концерт, за што се работи?

Идејата за одбележување на 20 години од мојата меѓународна дејност дојде малку спонтано и неодамна. Пред сè планирам за пет години да направам голем настан за сребрениот јубилеј и затоа ова го нареков „Првите 20 години“, а не јубилеен концерт или слично. Мојата идеја е вечерта да биде невообичаена и на некој начин би рекол и „поинтимна“ со публиката. Како што е веќе најавено, водител ќе биде Огнен Јанески со кого ќе се потрудиме што повеќе да ја внесеме публиката и да ужива вечерта. Помеѓу некои од музичките точки ќе има и разговор помеѓу Огнен и мене, ќе откриеме анегдоти и перипетии од овие 20 години на авантури по целиот свет. Целата програма ќе ја збогатат и моите гости, сопранот Наде Талевска и баритонот Васко Здравков, со кои ќе изведам популарни оперски дуети. На програмата ќе има и дела кои се симболично поврзани со моменти од мојата кариера.

Имате завидна меѓународна кариера и настапи на престижните оперски сцени низ Европа и светот, но какво e чувството кога одново се враќате на македонската сцена?

Чувството секогаш е посебно и преубаво. Особено како поминуваат годините сè поубаво ми е кога настапувам пред македонската публика. Затоа и моите настапи во Македонија се сè почести, а и поради фактот што сепак сум првенец на македонската Национална опера и балет.

 

Со оглед на Вашите многубројни настапи и соработки со меѓународни уметници, како успевате да ги усогласите термините за Вашите настапи во државата и странство?

Успеваме прекрасно да ги усогласиме сите датуми со раководството на МОБ, а и неодамнешните концерти со македонската Филхармонија беа договорени повеќе од година дена однапред. Инаку би рекол дека ангажманите од септември 2022 па наваму ми започнаа мошне бурно, речиси без престан, особено во декември бев буквално на настап односно во авион секој два-три дена. Инаку, тукушто завршив со една продукција на операта „Травијата“ каде што изведовме седум претстави и потоа директно дојдов во Скопје, каде што освен настанот на 4 февруари, по само шест дена ме очекува и операта „Севилскиот бербер“, за мене 93. изведба.

Какви се Вашите впечатоци од ситуацијата во културата во Македонија и што е она на што, според Вас, треба да се обрне внимание?

Она што и секогаш недостигало, односно да се изнајде начин за да се издигне нивото на свест за културата и нејзината важност, односно за важноста на уметностите, како кај народот така и кај медиумите и политичарите. Со мали исклучоци, но еве земете ги медиумите, ми изгледа дека сè помалку одвојуваат простор за културата. Јас кога растев на ТВ имаше секоја недела една емисија наречена „Оперски приказни“, сега не постои ни приближно нешто слично на тоа.

Со оглед дека имате 20-годишна меѓународна кариера, што е за секоја почит, можете ли да ни издвоите некој момент, настап, соработка кои го одбележаа Вашиот пат како оперски пејач?

Има повеќе настани што ја одбележаа мојата кариера, како дебито во Рим на само 23 години, настапот во Салцбург во Моцартовата 2006 година, дебито во Скала, Њујорк… Меѓутоа има моменти кои можеби и не биле пресудни за мојата кариера, барем не директно, но на кои се присетувам со задоволство затоа што ме врзуваат за убави спомени. Убавото во мојата професија не е само самиот настап, односно изведбата, туку и целиот процес на подготовка на една опера. Кога на пример ќе ти се „погодат“ колегите, малку народски да се изразам и се создава една симбиоза на пробите како во театарот така и во моментите кога не работиме, но се дружиме, тие мигови, тие продукции ми се најмили. Знаете, ми се случувало во некои градови во светот, во процес на шестнеделни проби ниту едно кафе да не испијам со колега, односно со колеги, а ми се случувало и сосема обратно: целото останато време помеѓу пробите и претставите да го поминеме заедно со колегите, да се готви заедно, да се прават забави, да се оди во шопинг и слично. Јас сум многу друштвен по природа и ми е потребно сето тоа, особено кога се наоѓам месец или два илјадници километри надвор од дома.

Можете ли да ни ги откриете Вашите планови, ангажмани и соработки за оваа година, кои според Вас треба да се потенцираат?

Како што споменав, му се враќам на „Севилскиот бербер“ по четири години, се надевам наскоро да стигнам до 100 претстави и конечно да се збогувам со улогата. По него ме очекува една нова улога и тоа во нова продукција на операта „Адријана Лекуврер“ во Катанија, па нова продукција на операта „Норма“ во театарот „Карло Феличе“ во Џенова, потоа „Травијата“ на Мајските оперски вечери во Скопје, па неколку концерти во Италија меѓу кои и два каде ќе изведам дела од македонски автори и потоа ми следува една голема турнеја низ Јапонија. По Јапонија пак ќе пеам во операта „Турандот“ во театарот Петруцели во Бари. Во меѓувреме се надевам дека ќе најдам време да го снимам моето ЦД со циклусот „Зимско патување“ од Шуберт со пијанистот Лука Чамаруги, со кој сме веќе Дуо за камерна музика и кое ЦД ни е понудено уште од лани, како и ЦД со арии и дуети од Доницети со сопранот Дезире Ранкаторе со Филхармонијата на Сицилија.

Oд написите и интервјуата што ги објави весникот ВЕЧЕР за меѓународната кариера на македонскиот маестро

Јануари 2020:

Рим, Њујорк или Токио?

Нацоски: Најпрвин, секој настап, односно враќање во вечниот град, каде што поминав 14 години од мојот живот, за мене претставува посебна возбуда. Тоа е градот на моите студии, на моите први пријателства во Италија, градот каде што ја започнав мојата кариера, град каде што имам своја верна публика. За Њујорк и Токио немам никаква дилема. Двата града ми имаат дадено многу на професионален план, особено Токио, а меѓу другото таму и настапувам минимум еднаш годишно. Њујорк ме плени со неговиот космополизам и воопшто американскиот начин на работа, нивниот професионализам е прекрасен…

Нешто што можевте да направите, а не сте?

Нацоски: Немам направено некои крупни грешки, но можеби би кажал неколку НЕ за неколку понуди од минатото како и некое ДА за некои нешта што сум ги одбил. Од личен план, пак, мислам дека не би изменил ништо. Во секој случај, среќен сум што ниту еднаш во мојата меѓународна кариера не сум прифатил ниту еден компромис, за ништо и по никоја цена.

Maj 2015:

Миланска скала

Нацоски: Првите разговори помеѓу уметничкото раководство на „Театро ала Скала” и мојата менаџерка Тали Калдерон започнаа некаде кон крајот на летото минатата година. Се сеќавам бев на аеродромот во Пиза пред лет за Трст каде што ги започнував пробите за улогата на Александар Велики. Кога ми се јави бев многу возбуден и не можев да поверувам. Неколку пати ја запрашав дали е сигурно сето ова и се разбира ја прашав дали треба да полагам аудиција. Кога ми рече дека ме ангажираат без аудиција бев шокиран, позитивно се разбира… Навистина би рекол дека го живеам мојот сон. Потекнувајќи од музичко семејство, каде што бројот на музичари во моментов брои осум, и истовремено трета генерација тесно поврзани со оперската уметност. Јас сум буквално израснат во театар (сега МОБ, а порано Опера при МНТ) и како дете секогаш сум бил опкружен со оперски пејачи, како домашни, така и гости од странство кои доаѓале да пеат на нашата сцена. Миланската скала била од секогаш поим за совршенство, престиж и врв во кариерата на секој оперски уметник.

2016: Тианжин и Харбин, Кина

Благој Нацоски ќе настапи во оперите „Свадбата на Фигаро“ и „Турандот“ во театрите во Тианжин и Харбин, Кина со вкупно седум претстави. Во „Турандот“ Нацоски ќе настапи со Џована Казола, која е најпознат сопран во светот во улогата на Турандот. Инаку, пред да замине во Кина, нашиот тенор настапи во „Волшебната флејта“ во Ливорно и во еден модерен Реквием во Милано…

2014: Настап во Бразил

По ланскиот деби настап во Уругвај, македонскиот тенор Благој Нацоски по вторпат се враќа на јужноамериканскиот континент, овој пат во Бразил. Тој ќе настапи во најпрестижниот театар во Јужна Америка, Театро Мунисипал во Сао Паоло во претставата „Фалстаф” заедно со едни од најпознатите оперски пејачи во светот.

2013: Концерт со делата на македонските композитори

Нацоски: Мојот прв целовечерен концерт со дела од македонски автори се случи минатата година во Рим. Изведов дела од композитори од постарата генерација, исто така и поновата, а на крајот концертот го завршив со еден сплет на четири македонски песни наречен „Свита Македонија” во преработка на маестро Алесандро Д’Агостини. Концертот помина одлично и веднаш добив покана да го повторам во Бари. Од тој момент решив барем еднаш годишно да имам настап како во Италија така и во други земји, исклучиво со македонски дела.

2013: Анегдота

Нацоски: Би споменал случка од мојот настап во операта „Ромео и Јулија” со Андреа Бочели. Имено, ние бевме ривали во претставата и има сцена во третиот чин кога Ромео го убива Тибалт при дуел во мечување, како одмазда поради тоа што Тибалт веднаш пред тоа го убива побратимот на Ромео, Меркусио, што значи дека „умирав” секоја вечер на сцената. Поради познатиот хендикеп на Бочели, јас чувствував огромна одговорност при таа сцена. Иако мечевите не беа остри сепак се работеше за тешко железо. Но излезе дека со Андреа немаше никаков проблем, бидејќи ја имавме перфектно извежбано сцената за време на пробите. Проблемот настана при дуелот со Меркусио кога мојот меч се скрши на 5 дела. Едно од тие делчиња погоди еден од виолончелистите во оркестарот, за среќа не сериозно, но уште поголем проблем беше што немав како да го “убијам“ Меркусио и приказната ќе беше искривена, а од друга страна нелогично беше Меркусио да не ме „убие“ во таква ситуација. За среќа и јас и колегата кој го толкуваше Меркусио реагиравме брзо: тој бегаше од мене на сцената правејќи се дека не забележува дека немам меч, а јас во меѓувреме се упатив кон хористите и посегнав по еден меч од нив шепнувајќи му при тоа да ми го даде. Така ја спасивме сцената…