„Моето прво искуство како актерка беше улогата во ‘Амби’ на Марија Апчевска-Петровска на 12 години, а можам да кажам и дека Марија ме откри како ‘талент’. Ова се случи сосема случајно и тогаш вистински се пронајдов во оваа професија, благодарение на неа. Далеку сум од професионален актер, но со искуствата од снимањата стекнав знаење за филм, со што уште повеќе ми се зголеми желбата за учење и напредок“, вели за весникот ВЕЧЕР средношколката Антонија која веќе има значајни улоги во неколку македонски филмови

Главна актерка си во филмовите „Северен Пол“ на Марија Апчевска-Петровска и „Сестри” на Дина Дума. Едниот беше селектиран на 74. Кански фестивал, другиот доби награда на фестивалот во Карлови Вари, а сега е и македонски кандидат за Оскар. Како се чувствуваш околу овој успех и дали тој нешто смени во твојот живот?

Уште од мала бев сигурна дека еден ден ќе се занимавам со оваа професија, но дека ќе стигнам до тука каде што сум сега можев само да сонувам. Може да се каже дека сè уште сето ова ми е нереално. Ваков успех дефинитивно е клуч кој ми отвора многу врати за во иднина и сум неизмерно благодарна.

„Во секоја рецензија што ја добивме со суперлативи беше истакната изведбата на Антонија во ‘Северен пол’. Соработката со неа изгледа како соработка со врвен посветен професионалец, кој точно ги знае деталите од процесот на снимање, а истовремено ја има желбата да учи повеќе, да се надградува. И секако, го има и оној фактор X, кога ќе застане во кадар, целото внимание на гледачот е насочено кон неа.“ Каков е твојот коментар на пофалбата од режисерката Апчевска-Петровска?

Сцена од „Северен Пол“

Моето прво искуство како актерка беше улогата во „Амби“ на Марија Апчевска-Петровска на 12 години, а можам да кажам и дека Марија ме откри како “талент“. Ова се случи сосема случајно и тогаш вистински се пронајдов во оваа професија, благодарение на неа. Далеку сум од професионален актер, но со искуствата од снимањата стекнав знаење за филм, со што уште повеќе ми се зголеми желбата за учење и напредок.

Во колкава мера темите кои се обработени во двата филма (изолацијата, неприфаќањето, врсничкото насилство…) ги засегаат младите денес? Дали двата филма верно го претставуваат она со што младите се соочуваат?

Сцена од филмот „Сестри“

Темите во двата филма се проблеми коишто се среќаваат секојдевно меѓу младите. Во „Северен пол” е опфатена изолацијата кај тинејџерите, критериумите што се наметнуваат од другите со цел да се припадне во нивниот свет. Пораката на филмот е да се остане свој без разлика на притисокот од околината. Во „Сестри” е опфатено врсничкото насилство и јасно покажува колку еден клик на социјалните мрежи може да уништи еден живот. Сите во општеството треба да бидат свесни за овие проблеми. Младите треба да покажуваат поголема емпатија кон своите врсници, а родителите треба да знаат за големото влијание што го имаат социјалните мрежи врз животот на младите.

Дали сакаш да споделиш како и кога започна сè околу улогите, бидејќи покрај овие филмови, се појавуваш и во „Види ја ти неа“ (добитник на награда на Санденс) и во „Амби“ (на Марија Апчевска), двата од 2017 година? Дали имаше некое искуство од актерска игра или учество во драмска секција?

На многу луѓе не им е верно кога ќе им кажам дека никогаш не сум учествувала во драмска секција, но навистина е така. После моето прво филмско искуство во „Амби” следуваше „Види ја ти неа” на Горан Столевски. По многу долгиот кастинг се сними филмот „Сестри” од Дина Дума во 2019, а потоа имав уште една соработка со Марија Апчевска-Петровска за „Северен пол” во 2020.

Дали за читателите на весникот ВЕЧЕР ќе откриеш, покрај улогите во неколкуте македонски филмови, што друго го преокупира твоето слободно време?

Како и сите млади сакам да се забавувам и да се дружам. Исто така, тренирам традиционално карате во клубот „Недеви” од 5 години, а денес имам 3-ти дан црн појас. Сум била балкански, европски и повеќекратен државен шампион.

Дали успехот којшто го постигна ти го насочи кариерниот пат? Каде и што планираш да запишеш по завршувањето на средното училиште?

Како што споменав и во некои од одговорите, мојата идна професија во филмската индустрија се знаеше одамна, но успехот дефинитивно ми го осветли патот за во иднина. Сега сум матурант и го чувствувам притисокот за запишување на факултет. Сè уште не сум одлучила каде точно би сакала да студирам, со оглед на тоа што има многу добри факултети за глума. (Н.И.Т.)