Македонската одбојкарска репрезентација се пласираше на Европското првенство во септември, откако вечерва во арената „Борис Трајковски“ славеше над моќната Турција со 3-1 во сетови.

На квалификацискиот турнир кој се одржа во Скопје, Македонија запиша три победи и еден пораз и како второпласирана селекција повторно обезбеди место на големиот континентален собир. Запишавме две победи над Босна и Херцеговина, а вечерашниот противник ни го нанесе единствениот пораз. Сепак, и покрај поразот и Турција ќе биде дел од ЕП, затоа што квлификациите ги завршија на првата позиција.

Нашата селекција добро го започна натпреварот со седум поени во низа (7:0), но противникот веднаш возврати и израмни на 7:7. Сепак, тоа не ги извади од колосек нашите одбојкари и набзрзина направија предност од која ја одржаваа до крајот на сетот (25:19).

Турција со иста мера возврати во вториот сет кој го доби со 25:21, а потоа следуваше крајно возбудлив трет сет. На почетокот се играше поен за поен, се до 14:12 за Турците кои потоа се одлепија и на четири позитива. „Црвено – жолтите“ не се предадоа, па израмнија на 18:18, а потоа и поведоа и со 19:18, за на крај да го освојат толку посакуваниот сет, кој во тие моменти ни донесе бод, со 25:23.

Нашите одбојкари се осоколија по освоениот бод, па одлично го стартуваа третиот сет и поведоа со 4:1. Потоа противникот неколку пати се доближи на солидна негатива од 2-3 поени, но нашите веднаш умешно ја зголемуваа позитивата и на крајот дојдоа до голема победа над фаворитот Турција со 3-1 во сетови (25:18 трет сет) и освојување на три бода кои не однесоа на ЕП.

ФОТО: Петр Стојановски