РАДОСНА ВЕСТ ЗА 21 ВЕК – Гравот се враќа на полиците во маркетите!

Од утре се одмрзнуваат цените на овошјето и зеленчукот. Од Владата тврдат дека не се очекува големи осцилации и зголемување на цените на прехранбените производи по нивното одмрзнување и најавија дека  ќе ја следат состојбата и ќе реагираат навреме ако евентуално се случи тоа. Сепак, граѓаните не мислат така. Според нив и покрај тоа што власта тврди дека зеленчукот поевтинил за 40 отсто, сепак поголемиот дел од граѓаните не можат да си дозволат да купат домати, краставици, пиперки... Сепак се надеваат дека барем гравот, кој експресно со замрзнувањето на цените исчезна, сега ќе се врати во продавниците

7211

Од утре овошјето и зеленчукот нема да имаат замрзнати цени. Мерката за замрзнување на цените донесена за да се спречат големи поскапувања истекува на 31 мај, а Владата најави дека нема да ја продолжи. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, образложи дека цените се одмрзнуваат оти сè што досега ја кревало цената е нормализирано. Сепак, граѓаните не мислат така. Според нив и покрај тоа што од власта тврдат дека зеленчукот поевтинил за 40 отсто, сепак поголемиот дел од граѓаните не можат да си дозволат да купат домати, краставици, пиперки…

Од Владата тврдат дека не се очекува големи осцилации и зголемување на цените на прехранбените производи по нивното одмрзнување и најавија дека  ќе ја следат состојбата и ќе реагираат навреме ако евентуално се случи тоа.

-Сите предуслови за да останат цените на исто ниво, а можеби дури и да бидат помали, се направени, сите претходни услови што беа креирани за да се зголемат цените сега ги нема, а електричната енергија не е на цената на којашто беше. Цената на суровини на светските берзи е намалена. Тоа значи дека и тие што произведуваат, но и тие што тргуваат, имаат услови реално да ги задржат намалените цени, како што беа замрзнатите цени, дури и да бидат намалени. Ние видовме дека на пазарот со зеленчук, природно се намалија дури за 40 проценти од замрзнатите цени и затоа одлуката е да се одмрзнат,  изјави Битиќи.

Минатата недела, како што информираше, имале состанок во Стопанската комора, а убедувањето, како што рече, е дека ќе нема големи осцилации, односно наплив на зголемување на цени.

– Но, подготвени сме будно да следиме, ако евентуално се случи тоа да реагираме, но мислам дека нема услови за тоа – рече Битиќи.

И министерот за економија Крешник Бектеши нагласи дека мерки од страна на Владата може да има само доколку од 1 јуни бидат забележана злоупотреба од страна на трговците.

-Согласно со податоците што ги имаме ние како Министерство за економија, повеќето од производите се и пониско од нивото на замрзнување што сме го имале претходно. Ако во случај, од денот кога нема да важи таа одлука за замрзнување, има злоупотреба од страна на трговците, ние на дневна база ја следиме ситуацијата и секако дека ќе следат различни мерки, изјави Бектеши.

Непродолжување на мерката за замрзнати цени на основните производи, како што објасни Бектеши, се должело, меѓу другото и на наглиот пад на инфлацијата во земјава, особено на прехранбените производи. Очекувањето на министерството за економија е инфлацијата во јуни да биде под 10 отсто, а Бектеши дури е оптимист дека вкупната инфлација за целата година ќе биде пониска од проектираната.

Инаку проценките на Народната банка се дека годинава инфлацијата ќе бележи забавување и сведување на едноцифрено ниво и ќе биде во интервал од 8 до 9 проценти.

Сепак граѓаните не мислат така. Според нив и покрај тоа што од власта тврдат дека зеленчукот поевтинил за 40 отсто, поголем дел од граѓаните се уште не може да си дозволат да купат домати, краставици, пиперки… Велат дека позитивно е тоа што ќе бидат достапни и оние производи кои поради замрзнатите цени ги немаше во маркетите, како на пример гравот.

Земјоделските производи чии цени од 1 јуни ќе зависат од пазарните параметри на побарувачката и понудата, но и од увозната цена и од домашните дистрибутери, се доматот, краставиците, кромидот, зелената пиперка, карфиолот, бананите, портокалите, мандарините, лимонот, гравот, леќата.

(А.С.)