Началникот на општината Есар-Ан-Бокаж, на западот од Франција, донел уредба дека жителите треба да “бидат весели” една недела во октомври, за време на локалниот фестивал во кој е забрането читање на книги и приказни со несреќен крај и слушање на тажна музика.

Фреди Рифо, непартискиот началник на општината со девет илјади жители, објавил “официјална градска одлука” со која од 5-ти до 11-ти октомври ќе се одржи првиот музички фестивал “Радосен град”.

Земајќи ја предвид брзината со која се шират негативните емоции, што доведува до зголемена опасност по растот на лошото расположение со доаѓање на есента и намалување на бројот на сончеви денови, Рифо ги повикал жителите да не примаат никој на својата територија кој би можел да го наруши изразувањето на радосните чувства.

Со одлуката од 13-ти септември се “забранува емитување на музика која би можела да звучи тажно или депримирачки и филмови, приказни и книги кои немаат среќен крај”. Началникот ги повикал француските жители “да произведуваат ендорфин, хормон на среќата, така што ќе се смеат најмалку три пати на ден”.

Фреди Рифо кој половина од своето работно време работи во информатички сектор, објаснил дека во земјата владее “преголема количина на негативно расположение”, па затоа се надева дека неговата уредба ќе придонесе за “будење на духот на радоста” во комерцијалната дејност и населението на неговата општина.