Радијаторите повторно топли, корисниците за октомври ќе добијат авансни сметки

325

– Тридневната намалена испорака на топлина нема да се одрази врз сметките што корисниците ќе ги добијат за месец октомври, односно тие ќе добијат авансна сметка/фактура, а порамнувањето ќе се изврши во израмнителните сметки, велат од БЕГ

Од сабајле радијаторите на корисниците кои добиваат топлинска енергија преку системот за централно греење на „Балкан енерџи Груп“ се повторно затоплени. Од 27 до 29 октомври БЕГ вршеше редуцирана испорака на топлина до корисниците поради тоа што бугарскиот оператор на системот за пренос на природен гас „Булгартрансгаз ЕАД“ го затвори вентилот за Македонија поради изведување на планиран ремонт на транзитниот гасовод кај нашиот источен сосед.

– Како резултат на нормализираната испорака на природен гас во државата, состојбата со испораката на топлинска енергија преку системот за централно греење се реализира непречено согласно мрежните правила за испорака на топлинска енергија. Во изминатите три дена топланите работеа со редуцирана испорака на топлинска енергија, поради ограничување на количините на природен гас на топланите за 10 проценти. Оваа редукција не предизвика значително намалување на нивото на комфорот на потрошувачите и на внатрешната температура во објектите, односно средната дневна внатрешна температура во објектите не опадна за повеќе од 1ºС од пропишаната (20+1)ºС – информираа од БЕГ.

Тридневната намалена испорака на топлина нема да се одрази врз сметките што корисниците ќе ги добијат за месец октомври, односно тие ќе добијат авансна сметка/фактура, а порамнувањето ќе се изврши во израмнителните сметки.

– Потрошувачката на топлинска енергија во еден објект се регистрира на мерилото во топлинската станица. Во периодите кога има испорака на топлинска енергија, таа се регистрира на мерилото, додека во периоди кога нема греење (пример кога системот е исклучен на високи надворешни температури или има дефект), на мерилото не се регистрира енергија. Потрошувачите во текот на целата година, во своите сметки добиваат податок за тоа колку енергија потрошиле и колкава е разликата помеѓу реалниот и надоместокот кој потрошувачите го авансирале со авансните фактури во периодот од август до април. Разликата на количината на испорачана топлинска енергија до потрошувачите (која е регистрирана на мерилата во топлинските станици) од прогнозираната во авансните фактури, ќе биде израмнета во сметките што потрошувачите ќе ги добијат во текот на мај, јуни и јули, кога вообичаено се врши порамнување – објаснуваат од БЕГ.

Инаку, топлинска енергија се испорачува на 54.000 домаќинства и правни субјекти во градот Скопје кои се приклучени на централниот систем на греење со кој управува БЕГ. Оттаму велат дека годинава, споредено со минатата година, бројот на нови потрошувачи е зголемен за 4 проценти, или 2.222 потрошувачи, од кои 1,428 се потрошувачи од новоизградени објекти. Во тек на 2020 година од системот се исклучиле 56 потрошувачи.

(С.Бл.)