Радев со надеж дека нема да има трети парламентарни избори во Бугарија

87

Претседателот на Бугарија Румен Радев во изјава за Бугарското национално радио нагласи дека не сака да мисли дека се можни трети парламентарни избори оваа година.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, претседателот на Бугарија изразил надеж дека партиите ќе покажат внимателност и одговорност и дека по изборите на 11 јули во следниот парламент, ќе формираат влада.

„Не е добро Бугарија да оди од избори на избори и да нема парламент“, рече тој.

Според него, парламентаризмот во Бугарија е значително ослабен за време на владеењето на премиерот Бојко Борисов. Претседателот на Бугарија ја критикуваше владата на Борисов за одбивањето да го ажурира буџетот и со тоа ја ограничи привремената влада.

Според Радев, владата во заминување не го доставила Бугарскиот план за обновување и одржливост до ЕУ и со тоа ја ставила привремената влада во исклучително тешка ситуација.

На обвинувањата дека има луѓе во привремената влада на Бугарија, кои учествувале во формирањето на партијата на олигархот Васил Божков, кој се крие од правдата во Дубаи, Радев рече дека „олигархијата на Борисов, не може да стане олигархија на Радев“. Претседателот на Бугарија за Бугарското национално радио изјави дека тој е одговорен за назначувањето на привремената влада и дека не бега од тоа.

Извор:МИА