Српската пејачка Рада Манојловиќ на 19 години останала без својата мајка Мирјана, која починала од рак на матката кога имала 37 години. Пејачката ги обвинува лекарите за нејзината смрт и вели – да не направеле грешка, таа можеби и денес ќе била жива. Единствената утеха ѝ е што во последните моменти била покрај својата мајка и што ја држела во прегратка кога умирала.

„Никогаш нема да им простам на лекарите што дозволија таа да умре. Благодарна сум му на Бога што сè се случи пред моите очи, што ја држев за рака додека умираше. Единствената утеха ми е што и во последниот момент бев со неа. Не можам да ги извадам тие слики од главата. Само луѓето што доживеале нешто слично може да ме разберат“, раскажала Рада.

Таа вели дека и денес се задушува од болка кога ќе помисли на својата мајка иако таа починала пред 16 години.

„Умре прерано и тоа ми беше најтешкиот период во животот. Но, ја потиснав таа болка длабоко во себе за да можам да продолжам да живеам и да функционирам. Се обидувам да не размислувам за загубата, ама се сеќавам на неа секој ден“, рекла таа.

„Кога ќе почнам да размислувам за мајка ми, се растажувам, паѓам во депресија и имам црни мисли. Затоа се обидувам да не мислам. Се убедив дека мајка ми е отидена некаде на пат и се преправав дека смртта не постои. Тоа е единствениот начин за мене да живеам со тоа“, вели Манојловиќ.

Таа раскажала дека е огорчена затоа што верува дека мајка ѝ би била жива ако лекарите не направеле грешка.

„Мајка ми почина од лекарска грешка. Таа имаше рак на грлото на матката, типот што може да се излекува во над 90 проценти од случаите. Но, лекарскиот конзилиум одлучил да не ѝ ги отстранат матката и јајчниците затоа што можеби ќе сака да раѓа повторно. Лута сум за нивната одлука бидејќи лекарите денес сигурно ќе ѝ извадеа сè, особено што тогаш таа веќе имаше две деца. Тие си играа со нејзиниот живот, а јас и сестра ми Маја останавме без мајка“, рекла Рада.