Телото на поранешниот рагбист Брин Харгривс е пронајдено по повеќе од една година потрага. Поранешниот член на Сент Хеленс исчезна во САД, а неговото семејство откри дека имал сериозни ментални здравствени проблеми како последица од пандемијата на коронавирус.

Харгривс имаше 37 години кога исчезна пред 14 месеци, во јануари 2022 година. Тој не се појави на работа, по што следуваше голема полициска потрага. По успешната рагби-кариера, која заврши во 2011 година, работеше како инспектор на гасоводи. Тој живееше сам откако се разведе од сопругата Ејми Бомбард две години пред своето исчезнување, а неговото семејство истакна дека се „изолирал“ за време на пандемијата и сакал да се врати во нормала.

Имено, полицијата дошла во неговиот стан, вратата била отклучена, таму биле неговите лаптоп и мобилен, но него го немало. Поради ова, имаше сомневања и за киднапирање, а сега неговиот брат Герет и официјално ја потврди смртта.

  • Почивај во мир, Брин Харгривс. Со неверојатна тага можам да потврдам дека, по 14 месеци потрага, конечно, го најдовме Брин. Сè уште не ја знаеме причината за смртта или што се случи на 3 јануари 2022 година. Ви благодариме на сите што помогнавте во потрагата – напиша братот на рагбистот.

За смртта на Брин зборуваше и неговата мајка Марија Ендрјус.

  • Ова не е нешто што сакам да го споделам. Целосно ми е скршено срцето. Мојот прекрасен син Брин… не можам да ја опишам болката што ја чувствувам – напиша Марија.

На 26-годишна возраст, Брин реши да ѝ стави крај на својата успешна кариера бидејќи се разочара и повеќе не го сакаше рагбито, а неговото семејство се сомневаше по неговото исчезнување.

  • Речиси како некој да го киднапирал додека бил под туш. Секако, се плашиме од тоа, очигледно постои и таа можност. Тој имаше проблеми со менталното здравје и силни болки во грбот по сообраќајката во декември. Сепак, би се појавило  телото по пет месеци. Малку е чудно што сакал така да исчезне од својот стан и затоа не можам, а да не истражувам за ова – изјави неговиот брат.