Дома LIFE Работник отпуштен поради шега со Хитлер, доби отштета од 200.000 долари

Работник отпуштен поради шега со Хитлер, доби отштета од 200.000 долари

90

Вработен во рафинеријата „Бритиш Петролеум“ (БП), кој беше отпуштен поради шега на сметка на компанијата со добро познатото меме со Хитлер, на крајот судски доби обештетување од 200.000 американски долари.

Австралиецот Скот Трејси ја искористил сцената од филмот ,,Хитлер- конечен пад” (Downfall) од 2004 година за да покаже како БП преговара за платите на работниците.

Тој тогаш го објави видеото на приватна Фејсбук група, но набргу потоа бил отпуштен, пишува БиБиСи.

По двегодишна правна битка, тој победи во процесот, а судот утврди дека бил неправедно отпуштен и одлучи повторно да биде вратен на работа. Паричниот надомест што го добил, ја покрива заработувачката што не ја добил во меѓувреме.

Мемето со Хитлер ги користи најдраматичните сцени на филмот, во кој нацистичкиот лидер во берлински бункер се соочува со своите генерали и во кој има безброј пародии со изменети преводи.

БП објави дека потегот на Трејси „бил крајно навредлив и несоодветен“, поради што бил отпуштен од работа.

Во првостепената пресуда, Трејси го загуби спорот, но во жалбата тој инсистирал на тоа дека неговата намера не била да навреди некого и дека тој го објавил видеото како нешто хумористично. Тој додаде дека не ја именувал компанијата во видео скечот.

Судот на крајот открил дека целта на пародијата не била да се прикаже администрацијата на БП како нацистичка.

Бред Ганди, секретар на Австралиската работничка унија, верува дека Трејси поминал низ целосно „непотребна драма“.

„Да помине чесен работник цели две години низ целиот тој стрес и несигурност, само затоа што неколку тврдоглави газди не ја разбрале шегата, е лошо корпоративно однесување“, изјави Ганди за „Сиднеј Морнинг Хералд“.