Работник на ЕВН почина паѓајќи од бандера, зад себе оставил две малолетни деца и тешко болни родители

369

Tетовското село Милетино е во тага, бидејќи трагично замина нивниот сосед, другар, роднина, извршувајќи работна задача. Тие со неверица ја примија веста дека нивниот соселанец, 41-годишниот Давид Стаматовски, трагично го загубил животот паѓајќи од бандера. Тој како вработен во ЕВН Македонија извршувал работна обврска и додека бил качен да отстранува дефект, во еден момент бандерата почнала да се накривува, се скршила и тој паднал, при што починал на лице место. ЕВН жали за трагичниот настан во кој животот го загуби нивниот работник и се повреди вработениот З.М.. Компанијата, вработените, колегите искрено жалат затоа што загубија вреден и искусен работник, колега и пријател. Вториот вработен кој беше повреден во несреќата е пуштен на домашно лекување.

 

Tетовското село Милетино е завиено во тага, бидејќи трагично замина нивниот сосед, другар, роднина, извршувајќи работна задача. Кобниот 28 септември годинава тие со неверица ја примија веста дека нивниот соселанец, 41-годишниот Давид Стаматовски, трагично го загубил животот паѓајќи од бандера. Тој како вработен во ЕВН Македонија извршувал работна обврска и додека бил качен да отстранува дефект, во еден момент бандерата почнала да се накривува, се скршила и тој паднал, при што починал на лице место.

Во редакцијата “Вечер” стаса допис од Стево Марковски, очевидец на настанот и негов сограѓанин, кој ни пиша и ни посочи дека во тој клучен момент не помогнале ни напорите на неговиот постар колега кој се обидувал да ја задржи бандерата, но и покрај тоа Давид паднал и починал.

-Постариот колега кој се обидел да го спаси поминал со тешки повреди при што од последиците на повредите ќе остане траен инвалид – вели Марковски и посочува дека кога се слушнала кобната вест за трагедијата како да замолкнало  целото Милетино.

Според него, не се памети дека толку народ присуствувал на еден погреб, бидејќи Милетино е мешано село, но сложно се живее со соселаните Албанци. Мештаните уште се во шок и затоа тие со неверица и шепот го коментираат настанот.

Марковски пишува дека починатиот Давид оставил две малолетни деца и тешко болни родители и сега грижата за малолетните деца паѓа на плеќите на неговата сопруга.

-Во понеделникот, три екипи од ЕВН и од ПТТ дојдоа во селото за да отстранат и заменат неколку бандери кои беа склони кон паѓање. Една од тие бандери со денови стоеше потпрена за да не падне – реагира Марковски.

ЕВН жали за трагичниот настан во кој животот го загуби 41-годишниот Давид Стаматовски и се повреди вработениот З.М.. Компанијата, вработените, колегите искрено жалат затоа што загубија вреден и искусен работник, колега и пријател. Вториот вработен кој беше повреден во несреќата е пуштен на домашно лекување.

Според компанијата, несреќата која се случила кобниот септември на дел од 10кв далновод кон с. Џепчиште при работа на дрвен 10кв столб е предмет на целосна анализа од надлежните органи.

-На лице место веднаш излегоа полицијата, истражниот судија, трудовиот инспектор. Столбот на кој загина Стаматовски е земен на вештачење по налог на јавниот обвинител, другите столбови се исправни и не се заменети – велат од ЕВН Македонија за весникот “Вечер”.

Тие објаснуваат дека истражните органи и посебната комисија во ЕВН ги истражуваат сите аспекти на несреќата: дали се запазени сите процедури за работа, дали е извршена добра проценка на ризикот и безбедноста на столбот, дали вработените носеле целосна заштитна опрема, дали работеле на точно маркираниот столб за интервенција, дали сите безбедносни постапки ги преземале, дали добиле уредни налози за работа и дали целата процедура за вакви интервенции е испочитувана од сите инволвирани.

-Одговорите треба да ги даде анализата, затоа во овој дел однапред не е воопшто добро било што да се прејудицира – реагираат од компанијата и дополнуваат дека  она што е непобитен факт се напорите и вложувањата на ЕВН, како финансиски така и едукативни за да се намалат и сведат на незначителни евентуалните несреќи при работа.

Од компанијата информираат дека во изградбата на нова, реконструкција и одржување на постоечката дистрибутивна мрежа се инвестираат над 30 милиони евра годишно.

-Постојано се прават инспекции на мрежата и онаму каде ќе бидат констатирани и утврдени нарушувања на стабилноста на столбовите и другите енергетски објекти веднаш се интервенира. Се менуваат и столбовите по пријави од корисниците согласно утврдена динамика и приоритет – укажуваат од ЕВН.

Од компанијата нагласуваат дека годишно во заштитна опрема, едукација, обука и проверка на подготвеноста на вработените се инвестираат еден милион евра. За ЕВН животот и здравјето на нивните вработени е пред сè.

-Сите кои работат на терен годишно ги минуваат обврзните проверки и обуки за безбедност при работа согласно законот за безбедност и здравје. Професијата електромонтер носи големи ризици, покрај сите мерки за заштита и опрема и правилната проценка на условите за работа во моментот влијаат на одлуките при работа – објаснуваат од ЕВН и нагласуваат дека Стаматовски беше и ќе остане дел од семејството на ЕВН, затоа компанијата ќе остане отворена за поддршка и на неговото семејство.

(В.Ма.)