Работна група ќе работи на полесно справување со аерозагадувањето

119

Бидејќи сите земји од регионот имаат заеднички и слични проблеми со изворите на аерозагадувањето, сметаме дека е полесно доколку заеднички настапиме не само во делот на активностите, туку и во мобилизирање на финансиски средства за справување со истите, рече заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули на конференција што се одржа во Скопје

 

Аерозагадувањето не е проблем само на една држава, туку е регионален проблем бидејќи сите имаат слични проблеми и од начинот на затоплување, и од индустријата, степенот на развој и од состојбата со изворите на енергија што се користи. Затоа потребно е да се направи работна група што ќе се справува полесно со аерозагадувањето со поддршка од Светската банка.

Ова произлезе од регионалната конференција „Управување со квалитетот на воздухот во регионот на Западен Балкан – Прашања, решенија и можности за финансирање“, што се одржа во Скопје.

– Бидејќи сите земји од регионот имаат заеднички и слични проблеми со изворите на аерозагадувањето, сметаме дека е полесно доколку заеднички настапиме не само во делот на активностите, туку и во мобилизирање на финансиски средства за справување со истите – рече заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули.

Тој потенцира дека паралелно работат на трите приоритети што биле нагласени од Светска банка, односно во делот на анализа, мониторинг, собирање податоци и привремено решавање на овој проблем со организирање прочистувачи за најранливите категории на граѓани.

Директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово во рамките на регионот на Европа и Централна Азија, Марко Мантованели истакна дека се проценува оти 4,2 милиони луѓе умираат од аерозагадувањето секоја година.

– Регионот Западен Балкан не е исклучок, заболувањата, смртноста од загадувањето на воздухот се на врвот на овие причински фактори. Оваа агенда е на врвот на приоритетите на СБ, како и на владите во регионот. Нашата заложба  е да помогнеме на владите, да преминат на конкретни чекори на терен. Ова е сложено прашање кое бара координирани решенија како на национално, така и на локално ниво, како во јавниот, така и во приватниот сектор, така што ја поздравуваме оваа иницијатива и се надеваме дека ќе изнајдеме конкретни решенија – помош со финансирање за да се помогне на граѓаните на Западен Балкан – рече Мантованели.