Работилници за квилинг техника во НУ Центар за култура Крива Паланка

38
Во организација на Националната установа Центар за култура Крива Паланка започнаа да се одржуваат работилници за изработка на дела во квилинг техника.
Активностите се спроведуваат како дел од годишната програма за култура на установата за 2020 година.
-Работилниците за изработка на дела во квилинг се реализираат под менторство на уметникот Фросина Стојчевска, веќе трета година по ред. Истите се спроведуваат согласно сите протоколи и мерки пропишани од Комисијата за заразни заболувања и Владата на РС Македонија, а засега се пријавени и учествуваа седум дечиња чиишто родители потпишаа согласност за присуство. Се работи на отворено, благодарение на убавото време, а покрај она што се обучуваат за време на часовите, се прават и дополнителни координации со сугестии онлајн, информира директорката на НУ Центар за култура, Крива Паланка, Мира Ѓоргиевска.
Работилниците ќе се одржуваат еднаш неделно до средината на месец ноември, по што ќе се организира и групна изложба со изработките на учесниците.
Овие работилници се одобрени во рамки на проект аплициран во Министерството за култура и одобрен за 2020 година, планирани беа за мај и јуни, но поради пандемијата со Ковид-19 се одложија. Се надевам дека нашата установа следејќи ги сите препораки за заштита од вирусот ќе успее да ја реализира целокупната програма за годинава, додаде Ѓоргиевска.
Извор:МИА