Работилница: Попреченоста низ призмата на медиумите

81

Во Европската куќа во Скопје денеска се одржа работилница во пресрет на 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.  Работилницата е дел од проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги“ и има за цел да се подигне свеста за Меѓународниот ден на лицата со попреченост, преку медиумите кои се витален инструмент за спротиставување на стигмата и дезинформациите.

-Прашањата за лицата со попреченост се високо на европската агенда, што помогна да се направи подобрување во попреченоста, подигнување на јавната свест, едукацијата, социјалната заштита.  Европската Унија е ангажирана на многу нивоа во справување со прашањата за попреченост и подобрување на условите за лицата со инвалидитет во земјата, вели Дејвид Гир, амбасадор на Европска Унија во Северна Македонија.

Симона Јовеска која работи во Општина Битола вели дека и таа самата не знае на кој начин треба да бидат застапени лицата со инвадилитет во медиумите, но сепак се застапени на многу ниско ниво, како на пример лице со инвалидитет завршило училиште, основало семејство. А сепак неопходно е да се претстават нивните секојдневни тешкотии и предизвици.

Преку видео порака се обрати македонската режисерка Марија Апчева која истакна дека лицата со попреченост се претставени преку два архетипа.

-Тие се претставени како „карикатури“ на комичен/самооценувачки хумор или како „виктимизација“, односно лицата кои доживуваат големи тешкотии во животот и секој момент е огромна борба и немаат никаква шанса да уживаат во животот, вели Апчева.

Со тековната продукција на документарен филм, во нејзина режија, намерата е да се прикаже дека лицата со посебни потреби доживуваат сличен живот како и другите, со исклучок дека има многу предизвици кои влијаат на нивното секојдневие.

Мариа Маринаку, која е мотивациски говорник и лидер на тимот, во рамки на проектот ги претстави стереотипите, митовите и реалноста прикажани низ културата и филмовите.

Модераторот на денешната работилница, Васко Попетревски истакна дека медиумите претставуваат релевантни чинители во дестигматизирањето на прашањето на попреченоста и го подобруваат известувањето, но и ја зголемуваат застапеноста на потребите на лицата со попреченост.

Изразот инвалидност не се прикажува и не се дискутира во медиумите доследно и униформно. Јовеска посочи дека е потребно да се постигне консензус во однос на терминологијата.

-Еден од доминантните зборови што се уште се користи е „лица со инвадилитет“ што јас го поврзувам со невалидност. Друга терминологија што се користи е лица со хендикеп или лица со посебни потреби, што исто така не е соодветно бидејќи лицата со попреченост не треба да се третираат како посебни или различни од потребите на другите лица, со што изразот „лица со попреченост“ можеби е најсоодветен, додава таа.

Медиумите претставуваат моќна алатка, која се спротиставува на стигмата и дезинформациите. Во нив е силата да се променат општествените заблуди и да ги претстават лицата со попреченост како индивидуи дел од човековата различност. Со зголемување на свеста и разбирањето за прашањата за попреченост и различноста на лицата со попреченост и нивните ситуации, медиумите можат активно да придонесат за нивна успешна интеграција во сите аспекти на општествениот живот.