Работилница како дел од проектот „Граѓанинот е вистинскиот инспектор“

106

Во Македонска Каменица се одржа првата работилница како дел од проектот „Граѓанинот е вистинскиот инспектор“ кој здружението „ИНИ“ од Виница во наредниот период ќе го реализира во партнерство со „Хоуп“ од Македонска Каменица. Како што истакна стручниот консултант Зоран Биковски, главна цел на проектот е мобилизирање на трудовиот инспекторат и подобрување на условите за работа на работниците.

-Наша цел е всушност да го мобилизираме повеќе трудовиот инспекторат да биде на терен и да работи доследно на почитување на законот за работни односи и почитување на работничките права, како во текстилниот сектор, така и во рударството. Од средбата заклучивме дека всушност во Македонска Каменица, постои недостаток на работна сила, а забележани се и прекршувања на работничките права, рече Биковски.

Во насока на подобрување на оваа состојба, како дел од проектот, како што дополни Биковски, ќе се почне иницијатива за формирање економски совет и создавање бизнис-центар.

-Овој центар би требало да одговори на потребите на работната сила, со цел што повеќе млади да остануваат во Македонска Каменица и да имаме што повеќе задоволни граѓани во општината. На крај од проектот ќе ги сумираме резултатите од истражувањата за прекршувањето на работничките права и ќе дознаеме колку трудовиот инспекторат ги регистрира тие прекршувања на терен, дополни Биковски.

Проектот ќе се реализира во наредните шест месеци, а како втор дел од компонентата, како што напомнаа од имплементирачката организација, е создавање бизнис клима во која ќе се креира атмосфера од која граѓанинот ќе биде задоволен од тоа како заработува.