Во Кинотеката во Скопје денеска ќе се одржи работилница за филмска критика, каде учесниците ќе можат да го видат филмот „Бунтовник без причина“ во режија на Николас Реј, во кој главните улоги ги играат Џемс Дин и Натали Вуд. Ментори на работилниците се новинарките и филмски критичарки Сунчица Уневска и Гена Теодосиевска.

Работилница за филмска критика се одржа во Куманово на 11 и 12 мај, во Скопје освен денеска ќе се одржи и утре, а најавено е истите да се одржат и во Гевгелија и Богданци. Работилниците се во организација на здружението „Аквариус“, во рамки на новата платформа „МАТРИЦА“, која ќе понуди работилници за филмска критика и за сценарио.

Целта на работилниците е да потсетат на важноста и неопходноста на критичката мисла.

-Зошто филмска критика? Колку е важно денеска да се зборува за критичкото мислење и колку е значајно младите да ја знаат важноста на оценувањето на уметничките дела. Колку е важно да знаат што значи културата за едно општество, да знаат дека критиката може да понуди нови идеи и да нѝ овозможи да се соочиме и да го анализираме општествениот миг во кој денеска живееме, соопштија од „Аквариус“.
Според нив, една од важните цели на „МАТРИЦА“ ќе биде развојот на критичната мисла, бидејќи како што велат, без тоа нема одење напред, ниту создавање зрели дела, компетентни автори, слика за тоа каде сме и каде одиме. Целта е да се вклучат што повеќе партиципиенти, од различни области и од другите градови, бидејќи филмската уметност не е сконцентрирана само во Скопје.

-„МАТРИЦА“ е име кое не е случајно одбрано (со асоцијација на истоимениот научнофантастичен филм). Матрицата е модел, матрицата е систем, матрицата е структура, како што покажа и филмот. Ние ќе се обидеме во неа да испишеме едно ново време, поточно време кое ќе се потпре на проверените вредности и тргнувајќи од нив ќе се обиде да создаде нови. Нашиот слоган и порака гласат: „Се гледаме во матриксот“, се наведува во соопштението на здружението „Аквариус“.