Работен состанок на директорот на АХВ Бабовски со Џерек Бас, нов политичко – економски советник на Амбасадата на САД во земјава

25

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, денеска оствари работен состанок со Џерек Бас, новиот политичко – економски советник во Амбасадата на Соединетите Американски држави во Република Северна Македонија, на кој, како што информираат, биле презентирани приоритетите и активностите на Агенцијата и полињата за унапредување и насочување на идната меѓународна соработка.

На состанокот, се вели во соопштението, Бас ја потенцирал можноста за вклучување на АХВ во тековните и новите проекти кои се реализираат од страна на Амбасадата на САД во нашата земја, преку помош во организирање на обуки, работилници, семинари и слично. Како што рече тој, акцент во соработката ќе се стави на темите кои се од делокругот на работење на АХВ, но и на новите технологии, кои се директно поврзани со светскиот предизвик за справување со климатските промени.

Бабовски, исто така, изразил благодарност за понудената можност и потенцирал дека АХВ располага со стручен и компетентен кадар кој со учество во проектите, покрај тоа што ќе има можност да ги унапреди своите знаења од областа на безбедноста на храната, здравствената заштита и благосостојбата на животните, ќе може адекватно да даде придонес и во реализацијата на проектите.