Патот што ме доведе до Скопје беше нетипичен и полн со кривини. Единствената права линија беше мојата подготвеност да ги преземам предизвиците и да го следам нивното водство, ова е почетокот на една етапа од животната приказна, делот-Македонија на Бернард Ацхатз, член на Управниот одбор на „Винер лајф“, во Скопје.

А овде, во Македонија, е веќе деветта година и досега има изградено добри пријателски врски и со луѓето и со природата и значајни успеси во работата. Тој освен што е воркохолик е и страстен велосипедист, и според тие кои го познаваат, тој многу подобро ја запознал нашата земја за разлика од многумина кои се тука родени. Ја обожава музиката особено неконвенционалната, па затоа не нè зачудува неговата соработка со String Forces, но го сака и тоа што изведува Тоше Проески, а особено „Игра без граници” за кој вели дека успеа да ја надмине балканската музичка сцена и пазарот на југоисточна Европа.

Професионалната кариера ја почнал во Унгарија, од каде што преминал во Црна Гора, па од таму во Бугарија, за на крај да дојде во Македонија, прифаќајќи ја понудата од ВИГ да биде дел од тимот на „Винер лајф“, која тогаш беше млада компанија, но сметал дека животното осигурување ќе стане динамичен и растечки бизнис. За почетоците се сеќава:

Животното осигурување како бизнис растеше во средина во која тоа не беше едноставно, поради релативно ниската куповна моќ и политичката криза. Минатата година го загубив мојот татко со кој бев многу близок и мојот страв произлегуваше од фактот дека повеќе нема да можам со него да ги споделувам моите чувства и ставови, а истовремено и без неговите совети и поддршката.

Смета дека одлуката да дојде во Македонија се покажала како правилна.

 – Македонците се навистина љубезни и се чувствувам добредојдено во тимот. Поддршката ја добивам од сите колеги во Винер Лајф, вклучувајќи ги и моите колеги од Управниот одбор. Луѓето со кои сум близок во Македонија, ми се чини дека се класични, урбани луѓе кои и не се разликуваат многу во другите земји. Работата, интернетот, телевизијата, патувањето, сите овие работи прават еден европски микс. Фактот дека „појадокот” ни е околу 11 до 12 часот наутро, ми се чини дека е единствената значајна разлика. Сепак, Македонија не е само Скопје. Со помош на мојот велосипед досега имав шанси да стапам во контакт и со животот во помалите места и рурални средини, ни рече.

Градење од нула

Нè информираше дека осигурувањето воопшто, како и животното осигурување се растечки сектори во последните 10 години и повеќе.

Од една страна, свесноста кај луѓето растеше поради активностите на осигурителните компании и осигурителните брокери. Осигурувањето, со некои исклучоци, беше „увезено” од земји како Словенија, Хрватска и Австрија. На почетокот, беше продавано преку структурирани канали за дистрибуција, главно брокери. Подоцна, ние како „Винер лајф“, бевме двигатели на раст на нови производи, како што се животно осигурување поврзано со инвестициски фонд. Во последните неколку години, ги гледаме и банките како канал за продажба на животно и неживотно осигурување, преку осигурување на кредитите на своите клиенти. Банкоосигурувањето е ‘win-win’ ситуација како за банките така и за клиентите, смета Ацхатз.

Вели дека од птичја перспектива, гледајќи надолу за патот кој го донесе во Македонија, би рекол дека отсекогаш сакал да гради нешто од нула.

-Сакав да видам како тоа нешто расте и се развива во нешто што не сум можел ни да го замислам на почетокот, вели па продолжува:

Би сакал моето време да го насочам на размислување во врска со производи и услуги кои осигурителните компании би требало да им ги понудат на своите клиенти. „Екосистеми” е нов термин кој дава навестување во која насока се движат потребите на клиентите. Мислам дека класичната дефиниција „клиент” може да се преименува во „партнер” во една осигурителна компанија. Размената на податоци и информации може да се развие во една заедничка приказна на двете страни. Во моментов, ова е малку над реалното, но на овој модел треба да се работи во иднина. Дигитализацијата ни овозможува да се отворат вратите на компаниите за клиентите и обратно. Апликации за здравствени услуги, помош за автомобили, безбедност во домувањето и слично би биле клучни зборови во оваа насока, ни посочи.

 Пандемијата и секојдневието 

Како и кај другите луѓе и нему пандемијата со ковид-19 му го смени секојдневието.

 – Пандемијата и мерките за заштита ме турнаа назад, на мојот велосипед кој не го користев со години. Поголемиот дел од слободното време го поминав на велосипед, обидувајќи се да се натпреварувам со помладата генерација. Понекогаш се љубезни, па ми дозволуваат и да победам. Исто така, ја користам и популарната апликација Zwift за да тренирам од дома, и да се натпреварувам во трки на глобално ниво од удобноста на мојата дневна соба. Напорите и посветеноста ја расчистуваат главата. Со велосипедот открив места во Македонија на кои никогаш не би стигнал со автомобил. Уживав во природата на места како Скопје, Охрид, Маврово, Солунски Врв и многу други места. Заедно со убавата природа, за жал, кога патувате со велосипед, сте изложени и на голема загаденост на воздухот, забележува.

Омилена викенд дестинација му е неговата куќа во Австрија која има убава градина, односно родниот град кој се наоѓа помеѓу границите на Словенија и Италија. Минатата година цели седум месеци не можел да си отиде дома, но годинава бил неколку пати, ни рече.

А кога дома, во Австрија ќе го прашаат за Македонија, тој не штеди комплименти: Земја со голема разновидност. Многу прогресивни и пријателски расположени луѓе. Националното богатство е светски познато и дел од многу холивудски филмови, но понекогаш сметам дека е и товар на начинот на размислување, бидејќи времињата се сменија.

Земја со голема природа, но и голема потреба за борба против загадувањето на воздухот и развој на концепти кои се закотвени во разумот на општеството. Зборувајќи за концепти, треба да најдеме начин како да се справиме со најчесто користените ресурси општо, како вода, воздух, природа и сите јавни добра на начин кој е поволен за сите нас. Ова е предизвик што важи и за многу други земји на различни нивоа и во различни области. Всушност, ние треба да ги поставиме овие прашања на глобално ниво, а Македонија не е исклучок.

Спортот како мотор

Од велосипедот речиси не се раздвојува зошто му овозможува да запознае места кое со друго превозно средство не би ги видел. Вежба секојдневно. Ја сака македонската храна, но нискокалоричната.

Вели дека во минатото правел многу работи.

Тркање со мотори на стази, најчесто во Гробник во Риека. Со ова хоби завршив пред ковид-19 пандемијата… Многу пати паднав – моите пријатели велат на главата. Многу години летав со едрилици, заедно со мојот покоен татко. Ветрот, водата и моќта на моторот отсекогаш ме фасцинираат.

Лилјана Грџо Дамовска