Пјонтек го активира алармот на „Сан Сиро“

143

Изминатата сезона постигна 30 погодоци во дресот на Џенова и Милан, но ниту еднаш не ја затресе противничката мрежа на петте подготвителни натпревари пред стартот на новата сезона во италијанската Серија А. Со право фудбалските медиуми на Апенинскиот Полуостров се прашуваат што се случува со Криштоф Пјонтек?

Подготвителните натпревари не се некакво мерило, но кога првиот стрелец и човек од кого се очекуваат најмалку 20 или повеќе погодоци во претстојната сезона, нема да постигне погодок на петте подготвителни натпревари, тогаш со право е запален алармот на „Сан Сиро“.

Во својата прва сезона во Серија А, Пјонтек постигна 19 погодоци за Џенова и 11 за Милан. Давиде Балардини му беше тренер додека го носеше дресот на Џенова, а во Милано го тренираше Џенаро Гатузо. Моментално со „росонерите“ командува Марко Џампаоло, кој има сосема поинаква филозофија од таа на Балардини и Гатузо.

Полскиот интернационалец е старомоден центарфор кој живее од тоа што ќе го направи пред противничкиот гол. Редовно е во физички контакт со противничките дефанзивци, има речиси совршена реализација, а може лесно да создаде простор за да ја прими топката.

Фудбалот кој го форсира Џампаоло е комплексен и полн со механизми во играта која бара сериозен ангажман на напаѓачот кога е во прашање движењето и разбирањето на играта, а „Газета дело Спорт“ пишува дека таквата филозофија не му одговара на Пјонтек.

Новата сезона во Серија А стартува на 25 август, а освен прилагодувањето на новиот стил, Пјонтек ќе има сериозен проблем и со конкуренцијата во нападот. Џампаоло на располагање ќе ги има и услугите на Рафаел Леао, кој пристигна од редовите на Лил, а челниците на Милан се обидуваат да ги осигураат и услугите на аргентинскиот интернационалец од редовите на Атлетико (М), Анхел Кореа.