Пченицата сè помалку ја има на македонските полиња

Пченицата се помалку ја има на нашите ниви. Земјоделците поради ниските откупни цени последниве години секоја година ги намалуваат површините засадени со пченица. Минатогодишната цена на пченицата беше причина што многу земјоделци годинава се откажаа од сеење на лебно жито и го заменија со други култури

119

Приносите на пченица годинава потфрлија, годинава се очекува за 50 отсто помалку пченица за разлика од лани. Покрај ниските приноси кои се резултат на неповолните временски услови, загрижува фактот што поради ниските откупни цени пченицата се помалку ја има на нашите ниви. Според земјоделските здруженија има големи плантажи каде што речиси и да нема род на пченица.
Земјоделците поради ниските откупни цени последниве години секоја година ги намалуваат површините засадени со пченица. Минатогодишната цена на пченицата беше причина што многу земјоделци годинава се откажаа од сеење на лебно жито и го заменија со други култури. Велат дека производството на пченица во Македонија ова година се наоѓа во најтешка ситуација.
-Ние никогаш не сме имале доволно пченица за задоволување на домашните потреби, а годинава состојбата е уште полоша. Поради ланската ниска откупна цена на пченицата многу ниви годинава останаа празни. Никој веќе не сака ниту да сее, ниту да жнее пченица, вели претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров.
Земјоделците велат дека доколку и оваа година откупната цена на пченица биде под 12 денари за килограм ќе го преполоват производство. Според нив годинава се очекува да има за 50 отсто помалку пченица од лани. Доколку проценките за приносите се исполнат, тогаш за да се покријат домашните потреби ќе се зголеми и увозот на пченица. Но ќе нема од каде да се увезе пченица бидејќи состојбата е секаде иста, има недостиг на пченица.
-Голем дел од земјоделците пченицата ја заменија со пченка, а бидејќи во последно време во Македонија се намалува и бројот на добитокот наскоро ќе нема потреба и од пченка, вели Тантаров и додава дека покрај пченката годинава многу земјоделци почнале да садат ′рж, чија цена лани достигна 14 денари за килограм, двојно повеќе отколку на пченицата.
Според него, бидејќи годинава приносите од пченица се мали нема да дозволиме некој да ни ја земе пченицата за џабе.
Според последниот извештај на Државниот завод за статистика со пченица се засадени вкупно 80.924 хектари, односно 34 отсто од вкупната земјоделска површина од која 64.706 хектари засадиле индивидуалните земјоделци, 16.218 деловните субјекти и 104.853 малите земјоделски стопанства. (А.С.)