Пчелите се во опасност, да ги спасиме од изумирање

Во последните години во нашата земја драстично се зголеми смртноста на пчелите. И покрај тоа што има услови да се одгледуваат над 400 илјади пчелни семејства, нивниот број секоја година се намалува

310

Болестите, слабата исхрана, лошата прихрана, лошите пчеларски практики, климатските промени, еколошки фактори, хемиските агенси и пестициди го доведуваат во прашање опстанокот на пчелите во светот. Токму по повод Обединети нации на иницијатива на Словенија го прогласија 20 мај за светски Ден на пчелата. Во Македонија оваа манифестација годинава се одбележува за првпат.
Во последните години во нашата земја драстично се зголеми смртноста на пчелите. И покрај тоа што има услови да се одгледуваат преку 400 илјади пчелни семејства, нивниот број секоја година се намалува.
Менде Трајковски, претседател на Сојуз на пчеларските здруженија на Македонија, упати порака до сите да ги сочуваме пчелите, бидејќи од нивниот спас зависи и нашиот опстанок.


-Да не се користат отровни препарати, инсектициди, пестициди во третирањето на овошките и растенијата. Сите да се залагаме за здрава животна средина, а со тоа ќе ги зачуваме и пчелите. Пчелите имаат голем придонес во однос на опрашувањето на растенијата и придонесуваат до зголемување на квантитетот и квалитетот на овошките и на останатите растенија, истакна Трајковски и упати апел до овоштарите, лозарите, полјоделците… да не ги трујат пчелите и да не ги користат овие препарати.
-Последниве години климатските промени, особено ниските температури многу негативно влијаат на приносот на пчелите. Да има нектар треба и ноќните температури да се околу 15 степени. Во последните години имаше намалување на приносот на мед кој изнесуваше околу 12 – 13 килограми, а просекот по пчелно семејство е околу 20 килограми, додава Трајковски.
И министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, ги потврди заложбите за заштита на пчелите и развој на пчеларството.
– Република Северна Македонија беше дел од земјите кои ја поддржаа оваа иницијатива и активно се вклучи во политиките за заштита на пчелите. Минатата година во Словенија, кога за прв пат се одбележа Светскиот ден на пчелата, потпишавме Декларација со која се обврзавме на преземање на мерки за поддршка и заштита на пчелите и на другите опрашувачи. Владата и МЗШВ ќе дадат силен придонес во процесите на зачувување на пчелите и развој на овој сектор, бидејќи пчеларството е навистина важна стопанско-прехранбена гранка. Денес испраќаме порака дека зависиме од пчелите и од другите опрашувачи. Затоа, наша должност и обврска е секојдневно да работиме на заштита на пчелите, бидејќи тоа е важно за нашата иднина, за решавање на проблемите поврзани со глобалното снабдување со храна и за справување со гладот во светот“, изјави министерот Николовски.
Во Македонија има околу 7.000 пчелари и околу 240.000 пчелни семејства, а природни ресурси со кои располагаме дозволуваат да се одгледуваат поголем број на пчелни семејства. (А.С.)