Пу, пу, не важи затворање на улиците во Дебар Mаало за автомобили

241

Проектот на општина Центар за пешачки зони не доби согласност од надлежните. – Ќе мора прво во постапка на измена на деталните урбанистички планови, улиците да се категоризираат како пешачки, за да можеме да пристапиме кон реализација на пешачка зона. Во тој случај, истото ќе подразбира можност и за целосно претворање на овие квартови во пешачки зони, велат од општина Центар

 

Проектот за затворање на улиците во Дебар Маало за автомобили, за време на викендите и тоа од петок во 18 часот до понеделник до 6 часот, нема да се реализира за подолг временски период. Од Општина Центар објаснија дека засега не може да се пристапи кон реализација на овој проект поради категоризација на улиците во деталните урбанистички планови.

– Беше изработен ревидиран основен сообраќаен проект, но поради категоризацијата на улиците со деталните урбанистички планови, тој не доби согласност од надлежните институции и во моментов не може да се пристапи кон негова реализација – велат од локалната самоуправа.

Оттаму велат дека во поглед на решението, остануваат на идејата за негово реализирање, со тоа што постапката ќе трае подолго од тоа што било планирано.

– Ќе мора прво во постапка на измена на деталните урбанистички планови, улиците да се категоризираат како пешачки, за да можеме да пристапиме кон реализација на пешачка зона. Во тој случај, истото ќе подразбира можност и за целосно претворање на овие квартови во пешачки зони – нагласија општинските власти.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ овој проект го најави уште кон крајот на јуни годинава истакнувајќи дека со негова реализација ќе се спречи движењето на возилата, бидејќи овој дел е најфреквентен заради големиот број на кафулиња и ресторани стационирани на овој простор, а со сообраќајни режими и инфраструктурни зафати ќе се овозможи ослободување на тротоарите и улиците.

Како што објасни Богдановиќ прво требаше да се почне од главната улица „Орце Николов“, а потоа да се премине и на споредните.

Освен во Дебар Маало, планот беше на ваков начин да се обезбедат и Парк, па и другите населби. Тој, исто така, тогаш истакна дека доколку сообраќајниот проект биде одобрен од МВР би се реализирал до крајот на летото.

„Чакар Партнерс“ ќе го изработи проектот за пешачката зона во строгиот центар

Друштвото за инженеринг и консалтинг „Чакар-Партнерс“ ДОО Скопје е фирмата која ќе го изработи основен проект со сите фази за улицата „ ВМРО“ и улицата „Даме Груев“, како и потегот од раскрсница со булеварот „Партизански одреди“, со раскрсницата на улицата „Димитрија Чуповски“ и улицата „11 Октомври“, со улицата „Филип II Македонски“.

Градот Скопје со оваа фирма  склучи договорот вреден 2.330.500 денари со вклучен ДДВ за проектно решение со кое ќе се затвори строгиот центар за автомобили и негово претворање во пешачка зона.

– Идејата за претворање на улицата „Димитрие Чуповски“ во пешачка зона со ограничен сообраќај (само за јавен превоз) е постара и истата зависи од претходно обезбедување на соодветна сообраќајна алтернатива, поточно проширување на улицата „Даме Груев“ и целокупниот сообраќај да се пренасочи по оваа улица, на потегот од раскрсницата кај трговскиот центар „Палома Бјанка“ до Собранието. Овој проект беше повеќе години закочен поради проблемите со објектот кој се наоѓа на трасата на оваа улица, „Макоил“ (поранешна зграда на „Макотекс“) на улица „Македонија“, која го попречува проширувањето на улицата – велат од Градот.

(А.П.)