Пуштени во употреба сензорни соби во две училишта во Кисела Вода

40

Пуштени се во функција двете сензорни соби во основните училишта “Кузман Шапкарев” и “Кузман Јосифовски Питу”, со кои децата со посебни потреби добија простории прилагодени со реквизити, посебни материјали и сензорно осветлување, кое докажано има смирувачко дејство.

М-р Анета Милошова, специјален едукатор и рехабилитатор денеска го презентираше методот на кој од сега ќе може да се работи со децата со попреченост. Нешто, кое досега се работело во нејзиниот кабинет и кое без соодветните реквизити, не можело во целост да одговори на потребите на дечињата.

– Со задоволство сакам да истакнам дека за само два месеци ја завршивме првата фаза од проектот за опремување на сите основни училишта со сензорни соби. Вакви простории кои целосно ги опремивме со реквизити, со сензорно осветлување, со материјали кои ги смируваат децата со попреченост, отворивме во две училишта, во ООУ “Кузман Шапкарев” во населбата Драчево, каде се наоѓаме денес, и во “Кузман Јосифовски Питу” – изјави градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

За една година дечињата со посебни потреби кои се вклучени во редовната настава ќе имаат ваков простор и во сите останати училишта на територија на општина Кисела Вода.

– Грижата за нив е континуирана, а ние како локална самоуправа, правиме се’ за нивен подобар и пред се’, еднаков третман и олеснување на процесот на образовна и социјална инклузија – рече Ѓорѓиевски, додавајќи дека проектот за реконструкција на ООУ “Кузман Јосифовски Питу”, каде е изградена втората сензорна соба е во напредна фаза и дека по завршувањето на градежните активности тоа ќе биде провото скопско основно училиште кое ќе биде целосно инклузивно.

Во ОУ „Кузман Шапкарев“ настава посетуваат 24 ученици со посебни потреби, а сензорната соба ќе ја користат и осумте дечиња од подрачната единица на ОУРЦ “Д-р Златен Сремец”. Во ООУ “Кузман Јосифовски Питу”, во редовниот наставен процес се вкучени 9 ученици со попреченост.