Пучдемон им се предаде на белгиските власти

53

Поранешниот лидер на Каталонија, Карлес Пучдемон, им се предаде денеска на белгиските правосудни органи откако Шпанија издаде нов налог за негово апсење по пресудата за каталонските сепаратистички политичари и активисти.

Како што соопштија од канцеларијата на Пучдемон, тој во придружба на неговите адвокати доброволно се појавил пред белгиските власти во врска со налогот за апсење. Во соопштението се наведува дека Пучдемон го отфрла налогот за апсење и се противи на каков било обид да биде вратен во Шпанија.

Пучдемон и неколку негови соработници избегаа во Белгија во октомври 2017 година кога беа повикани на суд поради обид за сецесија и одржаниот референдум за независност на Каталонија кој шпанската влада го прогласи за нелегален.

Врховниот суд во Мадрид во понеделникот осуди девет поранешни каталонски политичари и активисти на казни од девет до 13 години затвор, поради нивната улога во неуспешниот обид за прогласување независност на Каталонија во 2017 година. Поранешниот потпретседател на каталонската влада, Ориол Жункерас, е осуден на 13 години затвор за бунт и злоупотреба на јавните фондови заради организирање на референдумот за независност на Каталонија.

Пресудите предизвикаа протести низ Каталонија, а во Барселона ескалираа во насилство.