Путин: Русија и Кина не создаваат воен сојуз

45

Русија и Кина не воспоставуваат воен сојуз и не кријат ништо поврзано со својата воена соработка, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин во интервју за државната телевизија.

Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг го потврдија своето пријателство и ветија дека ќе воспостават поблиски врски на самитот во Москва претходно оваа недела, додека Русија се обидува да напредува во, како што ја нарекува, „специјалната воена операција“ во Украина.

– Не основаме никаков воен сојуз со Кина. Да, ние соработуваме на полето на воено-техничката интеракција. Не го криеме тоа. Сè е транспарентно, нема ништо тајно, додаде Путин.

Рускиот претседател исто така рече дека западните сили се обидуваат да создадат повеќе глобални сојузи, обвинувајќи ги САД и НАТО дека почнале да градат нова „оска“ слична на сојузот од Втората светска војна меѓу Германија, Италија и Јапонија.

-Затоа западните аналитичари зборуваат за фактот дека Западот почнува да гради нова оска слична на онаа што во 1930-тите ја создадоа фашистичките режими на Германија и Италија и милитаристичка Јапонија, оцени Путин.