Путин продолжува со чистката: Сменет рускиот јавен обвинител

56

Рускиот јавен обвинител Јури Чајка ја напушта функцијата, објави денеска официјален Кремљ. Во соопштението се наведува и дека претседателот Владимир Путин го испратил името на неговиот наследник Игор Краснов како предлог за нов јавен обвинител на разгледување во горниот дом на парламентот. Според властите, 68-годишниот Чајка ја напушта позицијата на која е од 2006 година, за друга позиција која сè уште не е позната.

Предлогот на Путин следува неколку дена откако руските пратеници во државната Дума со мнозинство гласови го избраа поранешниот шеф на федералната даночна служба Михаил Мишустин за нов премиер. Путин го предложи поранешниот Мишустин за премиер откако претходно владата на досегашниот Дмитри Медведев поднесе оставка.

Тој потег, пак, следуваше по обраќањето на Путин до нацијата во федералното собрание, во кое тој побара уставни измени со кои ќе се зголемат ингеренции на парламентот. Некои набљудувачи, пак, сметаат дека целта на изненадувачките уставни измени кои ги најави Путин е да се задржи тој на власт и по 2024 година кога му истекува претседателскиот мандат.