Путин го „поништи“ Договорот за контрола на нуклеарното оружје

515
EPA-EFE/GAVRIIL GRIGOROV/SPUTNIK/KREMLIN POOL / MANDATORY CREDIT

Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша законот со кој се суспендира учеството на Русија во Договорот за контрола и ограничување на нуклеарното оружје New START.

„Руската Федерација го суспендира договорот меѓу Руската Федерација и Соединетите Американски Држави за мерки за намалување и ограничување на стратешкото офанзивно оружје, што беше потпишан во Прага на 8 април 2010 година“, објавија руските власти.

Државната новинска агенција Тас објави дека законот ќе стапи на сила од моментот на неговото официјално објавување.

Договорот беше потпишан од поранешните претседатели Барак Обама и Димитриј Медведев во април 2010 година. Тој стапи на сила во февруари 2011 година и требаше да трае до февруари 2026 година. Со него САД и Русија се обврзаа да немаат повеќе од 700 интерконтинентални балистички ракети на копно и во подморниците и дека на нив и стратешките бомбардери нема да имаат повеќе од 1550 нуклеарни боеви глави.

Путин не најави повлекување на договорот, туку само негово суспендирање. Засега, таа суспензија вклучува не дозволување редовни инспекции на руските нуклеарни сили за да се утврди дали Москва го почитува договорот.

Суспензијата може да се прошири и на воведување на нови интерконтинентални балистички ракети во оперативна употреба, без Москва да ги распореди старите и со тоа да излезе од договорените ограничувања. Без можност за директен инспекциски надзор, единствено средство за контрола ќе биде надзорот од сателити и разузнавачката работа, што само ќе резултира со зголемување на недовербата во и онака заладените односи.