Путин ги потпиша документите за анексија на окупираните делови од Украина

39

Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша документот за формална анексија на четири украински провинции окупирани од руските трупи, на што претходеше седуммесечна војна. Незаконската анексија, веднаш наиде на критики и отфрлање од голем дел од меѓународна заедница, која потенцира тоа е спротивно на меѓународното право и Повелбата на ОН.

Четворица проруски лидери на окупираните руски региони потпишаа договор со Путин за припојување на Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје кон Русија, што претставува 15 отсто од територијата на Украина.

По потпишувањето на договорот, толпата извикуваше „Русија, Русија!“.

На потпишувањето на документите, претходеше 40-минутен говор на Путин, во кој тој го обвини Западот за „сатанизам“ и воедно ги праша присутните дали сакаат на нивните деца да им се нудат операции за промена на полот. Путин ги обвини Британците, или како што тој ги нарече „англосаксонците“ дека помогнале во организирање на саботажа на гасоводите во Балтичкото Море.

– Уништувањето на западната хегемонија е неповратен процес. Светот никогаш нема да биде ист, потенцираше Путин во обраќањето пред церемонијата за потпишување на документите. – Западот сега печати пари, но со тие пари не може ниту да се храни, ниту да се стопли. Потребна им е храна и енергија. Ќе мора да јадат помалку, помалку да се тушираат и да се облекуваат потопло, рече Путин и уште еднаш им се закани на западните земји кои воведоа санкции кон Русија.

Рускиот лидер ја повика Украина „веднаш да ги прекине сите воени акции и војната што ја започна во 2014 година“, додавајќи дека „Киев мора да се врати на преговарачка маса“.

– Отворени сме за преговори и тоа го кажавме многу пати. Но, украинските власти мора да ја почитуваат волјата на народот, рече Путин, мислејќи на лажните „референдуми“ одржани минатата недела во окупираните региони. – Тоа е волја на милиони луѓе“, рече тој во говорот одржан пред стотици високи функционери во Кремљ.

Церемонијата се одржа три дена по завршувањето на набрзина организираните референдуми, по што поддржувачите на Москва во окупираните региони изјавија дека мнозинството гласачи, или 99 отсто од нив, се изјасниле за приклучување кон Русија. Владите на Украина и западните земји референдумите ги нарекоа незаконски и лажни и сметаат дека тие биле спроведени со закана со оружје, за што сведочеа и многу видеа објавени на социјалните меидуми. Во говорот кој постојано беше прекинуван со аплауз, Путин изјави дека Русија има четири нови региони.

Од своја страна, Киев вети дека ќе ги врати сите региони што Русија ги украде од Украина и им порача на Русите дека нивната одлука за анексија на тие територии ја уништи секоја можност за преговори.

Реакции на незаконската анексија пристигнаа веднаш.

Лидерите на ЕУ денеска ветија дека „никогаш нема да ја признаат“ нелегалната анексија на четирите украински региони кон Русија и го обвинија Кремљ дека ја загрозува глобалната безбедност.

„Цврсто ја отфрламе и недвосмислено ја осудуваме нелегалната анексија од страна на Русија на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон“, се вели во соопштението на 27-те лидери на ЕУ.

Британската премиерка Лиз Трас изјави дека Британија никогаш нема да ги прифати регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје како што било друго освен украинска територија.

„Нелегалната анексија нема да промени ништо. Целата анектирана територија е окупирана од Путин, таа е украинска земја и секогаш ќе биде дел од Украина“, коментираше на Твитер претседателката на Еврокомисијата Урсула фон дер Лајен.

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа вети дека САД никогаш нема да ги признаат руските територијални претензии кон Украина, напротив, Вашингтон подготвува нова рунда санкции против Русија откако таа анектира нова украинска територија.

Пред најавеното денешно потпишување на документите синоќа  реагираше и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш.

– Тоа е опасна ескалација, за такво нешто нема место во современиот свет, не смее да се прифати, предупреди Гутереш, тврдејќи дека секоја одлука за „анексија“ на делови од Украина ќе ги загрози изгледите за мир. – Секоја одлука да се продолжи со анексијата на украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје не треба да има никаква правна вредност и заслужува осуда, потенцираше Гутереш.

Според него, анексијата е спротивна на сето она што меѓународната заедница треба да го застапува. – Ги издава целите и принципите на ОН. Тоа е опасна ескалација. Нема место во современиот свет. Не смее да се прифати, рече генералниот секретар.