Птичјиот грип создаде недостиг на јајца – поскапеа колачите, јуфките, мајонезот!

Птичјиот грип создаде недостиг на јајца на европскиот пазар и во регионот, бидејќи поради болеста беа уништени цели јата со кокошки, а многу живинарски фарми беа затворени. Недостигот ги зголеми цените на јајцата, а тоа влијаеше и на зголемување на цените на сите производи што содржат јајца, колачи, макарони, јуфки, мајонез....

181

Недостигот ги зголеми цените на јајцата, а тоа влијаеше и на зголемување на цените на сите производи што содржат јајца: колачи, макарони, јуфки, мајонез…. Производителите велат дека освен птичјиот грип и порастот на енергенсите, суровините и храната за кокошките влијаеја на недостигот на јајца што кај нас се почувствува од ноември минатата година. Птичјиот грип создаде недостиг на јајца на европскиот пазар и во регионот, бидејќи поради болеста беа уништени цели јата со кокошки, а многу живинарски фарми беа затворени.

-Подолг период, односно од ноември има недостиг на јајца во државата. Освен нашата држава со недостиг на јајца се соочува и Европа и регионот, а главна причина за тоа беше птичјиот грип. Одредени земји поради птичјиот грип колеа цели јата кокошки и не ги надополнуваа со подмладок. Но, за да се надополнат со подмладок, треба да поминат шест месеци од моментот на колење. Зголемено колење имаше и поради зголемените цени на суровините и енергенсите. Многу фарми почнаа да ги колат јатата бидејќи немаа профитабилност и работеа со загуба, изјави за ВЕЧЕР, Абдулезел Догани, директор на „Везе Шари“.

Догани се надева дека проблемот со недостиг на јајца брзо ќе се реши, бидејќи во овој период голем дел од фармите ги освежуваат јатата за да го зголемат производството и да ги задоволат зголемените потреби за велигденските празници.

-Точно дека зголемените цени на јајцата влијаеја на производите кој содржат јајца. Но, јајцата се само еден фактор, врз зголемување на цените на овие производи влијаеја и зголемените цени на брашното, маслото…, како и зголемените цени на енергенсите, објаснува Догани.

И Европа се соочува со намалено производство на јајца, бидејќи на крајот на минатата година беа уништени 50 милиони кокошки, патки и мисирки поради птичји грип.
Цената на едно јајце кај нас се движи од 8 до 9 денари за табла јајца „Л“ големина. Додека пак помалите пакувања од 10 јајца се поскапи, поради повисоката цена на амбалажата. Производителите на јајца не сакаат да ги коментираат натамошните трендови, затоа што како што велат болеста и енергенсите се фактори што сè уште не се предвидливи.

Што се однесува до регионот цените на јајцата во Србија се слични како и кај нас, но се очекува дека ќе растат и оти за Велигден едно јајце ќе чини 50 динари, односно околу 25 денари. Во другите земји веќе има повисоки цени. Така на пример, во Хрватска во зависност од големината, 10 јајца се од 120 до 180 денари.

Догани вели дека птичјиот грип повеќе влијаеше кај кокошките несилки и не предизвика нарушување на пазарот на пилешко. Цената на пилешкото се намали како на домашниот, така и во светски рамки.

Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2011 година просечната цена на едно јајце била 7,04 денари, во 2021 година, пак, просечната цена на едно јајце била 8,01 денари, а во 2022 година 11 денари.

(А.С.)