Во Драмскиот театар во Скопје почнаа проби за новата претстава „Птица со главата меѓу нозе“, чиј автор и режисер е Коле Ангеловски.

“Климент, млад доктор, кој бил на специјализација во странство, се запознава со една девојка, студентка по славистика која го владее и македонскиот јазик. Девојката никогаш не била во Македонија, па нејзината желба за посета на земјата ќе отвори нова приказна за неа и младиот Климент. Што се Климент ќе направи за да го придобие срцето на оваа девојка и како ќе ги реализира своите планови останува една мала загатка која ќе се одгатне на сцената на Драмски театар“, информираат од Драмски театар за претставата.

За претставата, авторот ќе рече: „Чудна комедија со среќен крај. Птицата е симбол на слобода. Може да лета каде сака. За неа не постојат граници, не постојат ограничувања. Но, ако главата и е меѓу нозе, таа ќе лета, ама ниско.“

Од Драмски театар посочуваат дека „Птица со главата меѓу нозе“, не е класична комедија, нема изневерени мажи и напуштени жени, нема брканици, смешни карактери, ова е приказна за она што ни се случува денес во Македонија, од пандемија, од социјала, од политика.

Приказни за тоа како било, а како е денес. За тоа како луѓето се однесуваат во чудни и сериозни ситуации, а сето тоа погледано од еден позитивен и комичен агол, се додава во соопштението.

Во претставата, чија премиера е предвидена да се одржи во тек на месец ноември 2021 година, улогите ги толкуваат актерите Стефан Вујисиќ, Маја Вељковиќ Пановска, Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Марија Кондовска, Анастас Ташевски, Калина Наумовска и Благица Димитровска. Сценографијата е на Илина Ангеловска.