Најбогатиот ракометен клуб во светот, францускиот Пари Сен Жермен одигра фантастичен натпревар и со феноменален кам-бек го победи Веспрем со 37:35 и со триумф ја заврши групната фаза во Лигата на шампионите.

Тимот на Раул Гонзалез во еден момент губеше со девет гола (7:16), но во вториот дел забележа блескав пресврт. На крајот, „светците“ славеа со два гола, а Пранди со седум и Мате со шест гола беа најдобри кај победникот. Кај Веспрем, Пелшамбек имаше осум, а Лауге седум гола.

ПСЖ оди како лидер во нокаут-рундата, директно во четвртфиналето, додека Веспрем ја заврши групната фаза како трет. Пред него е Магдебург.

ГОГ Гудме дома го победи ППД Загреб (33:29) во меч во кој доминираше уште од самиот почеток.  Најдобар кај ГОГ беше Толбринг со пет гола, а Питлик и Јоргенсен дадоа по четири, додека кај „плинарите“ се истакна Дибиров со осум гола.

Сепак, сензацијата се случи во Норвешка, каде тамошниот шампион Елверум одигра без победник против бундеслигашот Кил (26:26). Домашната екипа спаси бод во самиот финиш кога погоди Грондал, а потоа се одбрани и од нападот на Сагосен.

Грондал беше најефикасен со шест гола, пред Бломгрен со четири реализации, додека кај Кил, Сагосен, Екберг, Фрац, Дамке и Билик погодија по три пати во противничката мрежа.

Без победник заврши и натпреварот меѓу ПИК Сегед и Нант (28:28). Роста беше најдобар кај унгарскиот тим со седум гола, пред Мацковшек со пет и Фримел со четири, а кај францускиот тим, Портела даде пет, а Калваканти стрела четири пати.

Алборг го потврди петтото место со триумфот на гости кај Целје (31:34) и заврши пред ПИК Сегед кој поради ремито е шести. Лидер е Барселона која во последното коло ќе игра со второпласираниот Киелце. На третата позиција е Нант со 15 бода, пред Кил исто така со 15 бода.