ПСЖ да ги врати парите од лајкот на Рабио

110

Француската лига му нареди на ПСЖ веднаш да му ги врати парите на поранешниот фудбалер Адриен Рабио, кој беше казнет поради непримерниот лајк на друштвените мрежи, пренесува „Газета дело Спорт“.

Кога станува збор за фудбалскиот свет, паричната казна од 40.000 евра е нешто симболично, но играчот за врска на калчо гигантот Јувентус, сигурно е презадоволен од таквиот епилог.

Рабио пристигна на „Паркот на принцовите“ како 10-годишно момче, а за време на летниот преоден рок ја прифати примамливата понуда на „старата дама“. На крајот од 2018 година, Рабио започна војна со раководните лица на ПСЖ, затоа што не сакаше да потпише нов договор, а тогашниот спортски директор, Антеро Хенрике, го исфрли од првиот тим.

Клубот го казнуваше за секаква ситница, поради доцнење од неколку минути на утринскиот тренинг и одбивањето да биде дел од зимските подготовки поради смртта на неговиот татко. Конфликтот помеѓу ПСЖ и Рабио ескалираше откако „светците“ беа елиминирани од Манчестер Јунајтед во 1/8 финалната рунда од Лигата на шампиони. Рабио стави лајк на објавата на Патрис Евра, кој на секаков можен начин го навредуваше францускиот клуб.

Поради лајкот, Хенрике му го укина бонусот за лојалност и го казни Рабио со 40.000 евра. Правниот одбор на француската лига ја потврди претходната одлука дека казната нема никаква правна основа и дека ПСЖ мора веднаш да му врати парите на Рабио.