Најскапиот ракометен колектив Пари Сен Жермен го презеде врвот во групата А, со шестата победа во низа во Лигата на шампионите. „Светците“ дома го победија ГОГ Гудме со 41:36 и привремено го прескокнаа унгарски Веспрем. Тимот на Раул Гонзалез и данскиот претставник имаа изедначено прво полувреме, ама работите си дојдоа на свое место за фаворитот во вториот дел, кога францускиот тим направи предност од четири гола и го трасираше патот до победата.

-Уште пред натпреварот знаевме дека ќе биде тешка борба за нас. ГОГ е многу добра ракометна екипа која игра одлично тактички и технички. Тие трчаат многу и имавме некои проблеми да се вратиме во одбраната. Но, ние демонстриравме искуство и нашето второ полувреме беше прилично подобро,особено во одбраната. Можам да кажам дека ја остваривме зацртаната цел и сега ни преостанува да се подготвуваме за следниот меч, изјави десниот бек на „светците“ Кристопанс.

Кристопанс заедно со Лук Стајнс и Камил Шипжак беа најефикасни во победничкиот тим со по седум гола, додека Соле и Карабатиќ реализираа по пет пати. Кај ГОГ Гудме, Јоргенсен имаше одличен меч со девет гола, Вернсдорф даде седум, а Питлик стрела шест пати.

ПСЖ во следното коло од најелитното клупско ракометно натпреварување пак ќе ги одмери силите со  ГОГ Гудме, овој пат на гостински терен.

Екипата на Нант приреди изненадување и успеа да слави како гостин кај амбициозниот дански тим Алборг 34:33. Валеро Ривера диригираше кај Нант со осум гола, пред Бриет и Кавалканти со по шест реализации, додека кај Алборг, не помогнаа седумте гола на Бартхолд и шесте на првата ѕвезда Микел Хансен.

ПИК Сегед, пак, го одбрани домашниот терен и убедливо со 36:27 славеше над словенечки Целје. Тонесен, Фримел и Банхиди дадоа по шест гола кај унгарскиот првак, додека кај Словенците, се истакна Стрмљан со пет и Јанц со четири гола.