ПСЖ ги одби понудите на Барса и Реал (М)

91

Актуелниот шампион на Франција, тимот на ПСЖ, ги одби последните понуди на шпанските гиганти Реал (М) и Барселона, кои беа наменети за бразилскиот интернационалец Неимар, објави новинарот на Би-Би-Си, Гилерме Балагуе, кој е добро упатен во сите случувања околу Ла Лига.

Каталонскиот гигант испрати парична понуда вредна 100 мил. евра и ги понуди услугите на бразилскиот интернационалец Филипе Кутињо. Челниците на Барса биле подготвени да ги понудат и услугите на Иван Ракитиќ, но таквата понуда експресно била одбиена од „светците“. И вечниот ривал на Барса, тимот на Реал (М) испрати парична понуда и ги понуди услугите на велшкиот интернационалец Герет Бејл и на репрезентативецот на Колумбија, Хамес Родригез. Раководните лица на ПСЖ побарале во договорот да бидат вклучени и услугите на бразилскиот интернационалец Винисиус Жуниор, но таквото барање било одбиено од шпанскиот гигант.

И покрај големиот интерес на „кралскиот клуб“, кој му нуди поголема плата, Неимар е заинтересиран само за кам-бек на „Ноу Камп“. Бразилецот веќе прифатил да има помала плата од таа која моментално ја заработува во Париз, се со цел повторно за тимски колега да го има својот идол, Лионел Меси.

Во изминатите две сезони, Неимар постигна 34 погодоци, но во поголемиот дел од сезоната беше повреден. Ако не биде постигнат некаков договор со челниците на актуелниот шампион на Шпанија, тогаш Бразилецот и во новата сезона ќе го носи дресот на гигантот од „Паркот на принцовите“.