Прочитаните книги создаваат пријателства

273

Во книжарниците ќе ги купите, во библиотеките ќе ги позајмите, но постои место каде што книгите може да ги размените и да ви бидат подарени. Тоа е фејсбук-групата „Размена на книги и книжевни муабети“ во која повеќе од 15.000 членови го шират интересот и знаењето за литературата, а таа за возврат нив ги спријателува.

Еднаш месечно групата организира настани наречени „Размена на книги“ низ градовите во целата држава, каде што членовите се состануваат, разменуваат книги и се дружат. Докажувајќи со тоа дека книгата во корици и живиот разговор нема да бидат истиснати од електронските крадци на внимание, од мобилните телефони од кои многумина не го креваат погледот дури и кога се во друштво на иста маса.

Минатиот и овој месец се собраа во Скопје, а утре (3 март) имаат закажани средби во Охрид („The Vault“ од 18 часот) и во Ресен („Голд-кафе“ од 17 часот). Еден од администраторите на групата е Денис Бојаров, кој за МИА вели дека таа постои од јули 2015 година и се омасовува со различните активности и акции.

-Групата е собирно место на сите книгољупци ширум Македонија, па и надвор од неа, каде што сите ние имаме една преубава можност своите прочитани книги по сопствен избор да си ги размениме трајно со кој било член од групата. Придобивките од групата не се само новите непрочитани книги, туку и новостекнатите пријатели. Затоа што книгата можеш и да ја купиш, но пријателот никогаш… Гордо и радосно изјавуваме дека многумина од нас стекнаа прекрасни книжевни пријатели, истакнува Бојаров.

Покрај состаноците по градовите, вториот начин на размена на книги е преку секојдневни објави во групата насловени „Пост за размена на прочитани книги“, каде што членовите во коментар ги објавуваат книгите што сакаат да ги разменат, а потоа меѓусебно се договараат за размена преку пошта или карго или, пак, самите членови во посебна објава ги огласуваат книгите за разменување.

Според анкетата што ја направиле во групата, членовите најмногу сакаат да читаат трилери, потоа класици, романси, мистерии, авантури…

Романтична и носталгична е акцијата #КнигаЗаРоденден, една од повеќето што се организираат во групата, во која членовите си ги честитаат родендените со книга пратена по пошта. По своја волја се вклучуваат во „Роденденската листа“ и меѓусебно, на домашна адреса, си праќаат подароци книги како честитка за роденден. Примачите на книгите своите подароци ги објавуваат во групата изразувајќи благодарност до испраќачот.

Во новогодишната акција #КнижевенДедоМраз, пак, си ја честитаат Новата година со книга – испраќачот си избира член по желба и му праќа книга, која понекогаш е придружена и со кафе и чоколадо. Благодарностите се искажуваат во групата, со хаштагот за оваа акција.

– На секои три дена се одржува и наградна игра во која се вклучени издавачките куќи, авторите итн., кои на еден член од групата, по случаен избор, му подаруваат книга, а членовите треба да се пријават во коментар со име и презиме и да ја споделат објавата, вели Бојаров. Како интересна ја посочува и акцијата #ПатувачкаКнига во која една книга патува низ цела држава. Откако ќе ја прочита некој член што изразил желба да ја прочита, му ја праќа на друг член кој има иста желба. Потоа книгата се враќа кај сопственикот.

Групата организира и хуманитарни акции во кои членовите и издавачите по сопствена желба даруваат книги, боенки, прибор за училиште…, а администраторите ги праќаат во библиотеките, центрите за деца (без родители, болни, слепи), старечки домови…

Се одржуваат и настаните Клуб на читатели и Поетско читање. Во Клубот на читателите членовите избираат една од три понудени книги и се чита таа што ќе добие најмногу гласови, а потоа се дискутира во претходно договореното место за собирање и дискусија. Веќе е најавена следната средба – во книжарницата „Метаноја“ во Скопје на 16 март од 18 часот ќе се дискутира „Папокот на светот“ од Венко Андоновски.

На настанот Поетско читање се читаат песни напишани од членовите и од други поети, а покрај авторите присуствуваат и тие што сакаат да слушаат поезија.

Администраторите и членовите во групата „Размена на книги и книжевни муабети“ секојдневно споделуваат и објави на издавачките куќи и книжарниците во врска со новите книги, попустите што ги нудат, промоции на книги на автори, мислења за одредена книга, автор или издавачка куќа, македонска и странска поезија, раскази и сè што е поврзано со книгите.

-Ако сте љубител на книгата и на книжевните муабети, зачленете се во нашето големо книжевно семејство https://www.facebook.com/groups/1624632414415400/ и поканете ги и вашите пријатели, порачува Бојаров.